26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Поддршка од Канада за правецот во кој се развива Северна Македонија, очекуваат продолжување на евроинтеграциите

На состанокот помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и Стефан Дион, специјален пратеник на премиерот на Канада, Џастин Трудо, за Европската Унија беше изразена јасна поддршка за правецот во којшто се развива нашата држава и очекување дека Република Северна Македонија ќе продолжи со натамошните чекори во евроинтеграциите, по членството во НАТО.

Дион ги поздрави недвосмислените и цврсти политики на премиерот Ковачевски и на Владата, на линија на надворешната политика на Европската Унија, како и применливиот дијалог во државата и во добрососедските односи, преку коишто се доаѓа до решенија.

Оценката на Канада е дека Република Северна Македонија ѝ е потребна на Европската Унија како пример за принципиелна демократска држава, којашто применува европски, прогресивни политики и вредности и дека токму поради тоа и заслужува да биде дел од Унијата.

Канадскиот претставник пренесол и силна поддршка од премиерот Трудо за натамошниот напредок на Северна Македонија во европските интеграции. Констатирано е и дека целиот Западен Балкан припаѓа на Европа и дека е од стратешко значење и за регионот и за Унијата, да продолжи проширувањето, со целосна интеграција.