24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Карпош ќе ги награди училиштата што имаат најдобро уреден екодвор

Советниците на Општина Карпош го изгласаа предлог-решението за формирање комисија за избор на награди за најдобро уреден екоучилиштен двор за 2023 година. Оттука, наградените училишта ќе добијат финансиски средства во висина од 70.000 денари за прво место и 50.000 денари за второ.

Беше усвоена и предлог-програмата за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општината во областа на образованието за 2023 година. Поконкретно, се дополнуваат проектните активности со додавање на новата 16-та точка, со која се ослободуваат учениците (деца на бранители) од плаќање месечен надоместок за ужина/топол оброк. Станува збор за основците (деца на бранители), кои учат во општинските училишта на територијата на општина Карпош. Следствено на ова, Секторот за дејности од јавен интерес ќе ја достави оваа одлука до општинските основни училишта во Карпош со цел таа да биде реализирана преку училишните одбори. Училиштата, пак, треба да достават до локалната самоуправа и до правните лица што го подготвуваат топлиот оброк/ужина – список на ученици чии родители се бранители. Потоа правните лица ќе изработат месечни фактури кон Општина Карпош за реализираните топли оброци/ужини. За оваа намена, локалната самоуправа од Карпош во рамките на својот буџет предвиде финансиска рамка во висина од 200.000 денари.