При денешната посета на општина Карбинци, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на 4 февруари и дека тој ќе биде настан од висок ризик и дали се повикувани членови на информативни разговори во полициска станица, истакна дека има такви информации за такви информативни разговори и ги повика граѓаните во Македонија да не подлегнуваат на провокации и мирно, чесно и достоинствено да го чествуваат великанот Гоце Делчев.
„Имам информации за такви информативни разговори и јас ја користам оваа пригода да ги повикам граѓаните во Македонија да не подлегнуваат на провокациите што секојдневно се присутни и кои имаат само една цел и тие одат во полза само на една структура, а тоа е на Владата на ДУИ, поддржана од СДСМ, и на нашиот источен сосед. Ниту една провокација на која ќе потпадне кој било граѓанин не оди во полза на македонскиот народ и на Македонија како држава, затоа ги повикувам – ние сме мирен, честит, достоинствен народ, библиски народ, ќе потсетам, народ што знае да тагува, народ што знае да празнува, но и народ што знае да даде почест на луѓето, кој ги почитува, еден таков е великанот Делчев, и јас ги повикувам сите на тој ден достоинствено да се поклониме во црквата ‘Св. Спас’ во Скопје за да можеме да покажеме дека на овој народ местото му е онаму каде што одамна треба да му биде, а тоа е во Европа. А не да се враќаме назад и да не дозволиме оние корумпирани полициски структури, кои имаат обид да го разединат македонскиот народ, да успеат, ние треба да ги поразиме со едно достоинствено чествување на денот и затоа ги повикувам сите оние што тој ден ќе се одлучат достоинствено да го чествуваат“, нагласи Мицкоски.
На прашањето дали, сепак, се повикани членови на партијата на информативни разговори, Мицкоски нагласи дека има таква информација, но не сака да создава паника бидејќи навикнати се пет години да живеат под политички терор на Владата на СДСМ и ДУИ.
„Па, имам такви информации, но сега за сега не би сакал и не треба да создаваме паника, ние сме навикнати, пет години живееме под политички терор на Владата на СДСМ и ДУИ, навикнати сме, едноставно отпорни сме на сето тоа, повикувани се и ќе бидат повикувани сè до моментот додека оваа Влада не замине, потоа оние што ја злоупотребуваат таа позиција, ќе треба да дадат одговори на многу прашања и тогаш треба да бидат силни како што се сега силни, знаете кога ќе сте во институциите, имате чувство дека, ако малку помалку имате животно искуство, дека сте семоќни, но доаѓа денот кога ќе треба да дадете одговори на многу прашања и потоа нема бегање, нема плачење, нема лелекање, нема кукање, ќе треба да се дадат одговори, а тој ден доаѓа. Месеци се во прашање кога ќе дојде денот кога многумина во оваа држава за она што го правеа во овие 5 години ќе треба да дадат одговор“, истакна Мицкоски.
Во однос на прашањето дали на 4 февруари очекува каква било случка која би ја нарушила безбедносната состојба во државата, Мицкоски истакна дека каква било случка што би ја нарушила безбедноста би била само грев на Владата и на МВР бидејќи ако МВР ги слуша сите овие апели што ги упатува, добро се организира и не сака да дојде до таква случка, нема да дојде.
„Каква било случка која би ја нарушила, ќе биде само грев на Владата и на МВР бидејќи ако МВР ги слуша сите овие апели што ние ги упатуваме и добро се организира и не сака да дојде до таква случка, верувајте, нема да дојде. Но, доколку Спасовски и луѓето околу него сакаат да дојде до таква случка, ќе дојде. Така што, единствен виновник ќе бидат тие“, нагласи Мицкоски.