23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Османи со обраќање на конференцијата Година на нови можности “2023-та, година на меѓународно етаблирање на Северна Македонија”

На годишната конференција: Година на нови можности, Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи нагласи дека надворешната политика останува фокусирана во реализација на клучната стратешка цел: членство во Европската Унија заклучно со 2030 година. Во тој контекст, врвен приоритет останува негувањето на добрососедските односи, вклучувајќи го и дијалогот со Република Бугарија.

“Во однос на Бугарија, имаме искрени намери да го вратиме позитивниот тренд на дијалог и соработка, воспоставен минатата година, иако, на краткорочен план, претстојните избори кај нив се отежнувачка околност за прогрес на билатералните односи. Сепак, остануваме посветени на смирувањето на тензиите и де-ескалација на вжештената атмосфера, која се огледа и во непропорционалните реакции за еден единствен случај, за кој државата веднаш ги презеде сите потребни мерки за негово расчистување. Важно да не дозволиме провокативни тенденции од двете страни на границата да го киднапираат процесот во насока, што нема да е од интерес за двете држави. Но во секој случај е во интерес на трети актери, со кои немаме многу заедничко” рече Османи.

Преку видео-обраќање од Брисел, каде што во својство на Претседавач со ОБСЕ, престојува во посета на НАТО и ЕУ институции, Османи нагласи дека оваа година земјата има исклучителна можност да се докаже како кредибилен партнер на меѓународната заедница, преку претседавањето со ОБСЕ, САД-Јадранската Повелба, како и со Процесот за соработка во Југо-источна Европа.

“Претседавањето со најголемата регионална безбедносна организација претставува историски момент за Северна Македонија, но и голем дипломатски предизвик бидејќи се одвива во исклучително сложени меѓународни односи, нарушена безбедносна архитектура на континентот и практично во време на активна воена агресија на една земја – членка врз друга земја – членка на Организацијата. Тоа ја прави работата на Организацијата уште покомплексна, но во исто време и исклучително потребна” истакна.

На панел насловен “Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“, Османи говореше и за достигнувањата минатата година, меѓу кои: почетокот на пристапните преговори за членство во ЕУ, добриот извештај на Европската Комисија, постигнувањето 100% усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ, потпишувањето на Договорот со Фронтекс, лансирањето на Стратешкиот дијалог со САД и други.

Покрај Османи, на панел се обратија и Славјанка Петровска, министерка за одбрана, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Исмет Рамадани, претседател на Евро-Атлантски Совет на Северна Македонија како и Никола Дујовски, декан на Факултет за безбедност.