Веќе се работи на Стратегија за развој на земјата за наредните 20 години, информира академик Таки Фити за време на годишната конференција „Година за нови можности“. Таа се изработува со финансиска поддршка на амабасадата на Британија, односно Фондот за добро управување, Министерството за финансии на Словачка, со поддршка на УНДП и Владата.
-Владата како координатори задолжи двајца економски министри, тоа се вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими. Работата на оваа програма започна во 2021 година и тогаш МАНУ не беше вклучена и во тој период наши експерти изготвија осум базични студии за одделни области – образование, економски развој, јавни финансии и фискална политика, туризам, рамномерен регионален развој, пазар на труд, социјална политика и пензиски систем, како и здравство, рече Фити.
Тој додаде дека кога МАНУ се вклучила во составувањето на Стратегијата во 2022 година правела ревизија во студиите, преку актуелизација на податоците.
-Направивме и базични студии за научни истражувања, за јавните институциите и за економскиот развој и зелената економија, со креирање „зелени работни места“, кажа Фити.
Тој истакна дека се изготвувале консолидирани документи за социјалната инклузивност, дигитализацијата, отпорност од кризи, владеењето на правото, родовата еднаквост и друго.
-Сето тоа е завршено и веруваме дека во втората фаза МАНУ ќе ја врши работата. Ова е многу значаен, визионерски стратегиски документ за основните развојни правци, предизвизи и визии на Република Македонија во сите сфери на општественото живеење. Пристапот мора да биде научен и објективен и да се постигне широк консензус од сите релевавнтни чинители во Македонија, кажа Фити.