Првиот потпретседател на Владата, Артан Груби оствари средба со шефот на мисијата на Европската Унија во земјава, амбасадорот, Дејвид Гир.
На оваа средба се разговараше за процесот на интеграција на земјата во ЕУ по отворањето на преговорите за членство, како и за итната потреба од иницирање на уставни измени и нивно успешно завршување како единствен начин за одржување на втората меѓувладина конференција.
Груби го информирал амбасадорот Гир дека коалициските партнери веќе ги започнале подготовките за уставни измени и се решени да создадат Алијанса за Европа со сите прогресивни сили во земјата.
Груби рече дека сите државни институции даваат се од себе за успешно да заврши скрининг-процесот кој започна во септември минатата година и воедно му се заблагодари на амбасадорот Гир за континуираната поддршка во текот на овој значаен процес за државата.
Исто така, на средбата беа разменети мислења и за предизвиците со кои ќе се соочува земјата во процесот на интеграција во ЕУ, особено реформите и владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал како и за очекувањата, но и за конкретните придобивки кои ќе ги имаат граѓаните со полноправно членство во Европската Унија.