25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Петровска: Воената академија останува наш приоритет, тука се создаваат идните воени лидери

„Развојот на Воената академија останува да биде еден од приоритетите на Министерството за одбрана зашто тука се создаваат идните лидери во Армијата на Република Северна Македонија. Академијата е суштински дел од одбранбениот систем на државата и затоа мораме да продолжиме заеднички да ја развиваме“, рече министерката за одбрана, Славјанка Петровска, при денешната посета на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, каде што се сретна со деканот, полковникот Митко Богданоски, со научно-наставниот кадар и со дел од питомците на Академијата.

На средбата со деканот на Академијата, полковникот Богданоски, министерката беше информирана за активностите во 2022 година и за плановите за тековната година. Полковникот Богданоски информира и за акредитацијата на студиските програми за вториот циклус студии во периодот 2022 – 2027 година и за реакредитацијата на студиските програми за првиот циклус на студии.

При посетата министерката Петровска разговараше и со некои од питомците на Воената академија, на кои им порача да бидат активни, да ги развиваат своите способности и своите знаења зашто тие се идните офицери на македонската Армија и од нив зависи како ќе се развива Армијата во годините што доаѓаат.

„На Академијата предаваат искусни професори и предавачи и ваша задача е да го впивате тоа знаење и да размислувате како идни НАТО-офицери. Искористете ги сите можности што ги нуди Воената академија, вмрежувајте се со вашите колеги од земјите членки на НАТО и покажете дека Северна Македонија има офицери што може да стојат рамо до рамо со офицерите од другите НАТО-армии“, рече министерката на неформалната средба со питомците.

Воената академија е високообразовна институција, која школува кадри за одбраната и за Армијата, за кризниот менаџмент и за системот за заштита и спасување. На Академијата се организира школување на сите циклуси на студии, а професорскиот кадар континуирано учествува во меѓународни научноистражувачки проекти, конференции и работилници. На Академијата, освен за потребите на Армијата на Република Северна Македонија, се школуваат питомци и од Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Косово.