„Развојот на Воената академија останува да биде еден од приоритетите на Министерството за одбрана зашто тука се создаваат идните лидери во Армијата на Република Северна Македонија. Академијата е суштински дел од одбранбениот систем на државата и затоа мораме да продолжиме заеднички да ја развиваме“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска при денешната посета на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ каде се сретна со деканот, полковникот Митко Богданоски, со научно наставниот кадар и дел од питомците на Академијата.
На средбата со деканот на Академијата, полковникот Богданоски, министерката беше информирана за активностите во 2022 година и плановите за тековната година. Полковникот Богданоски информираше и за акредитацијата на студиските програми за втор циклус студии во периодот 2022 – 2027 година и реакредитацијата на студиските програми за прв циклус на студии.
При посетата, министерката Петровска разговараше и со дел од питомците на Воената академија, на кои им порача да бидат активни, да ги развиваат своите способности и своите знаења зашто тие се идните офицери на македонската Армија и од нив зависи како ќе се развива Армијата во годините кои доаѓаат.
„На академијата предаваат искусни професори и предавачи и ваша задача е да го впивате тоа знаење и да размислувате како идни НАТО офицери. Искористете ги сите можности кои ги нуди Воената академија, вмрежувајте се со вашите колеги од земјите членки на НАТО и покажете дека Северна Македонија има офицери кои можат да стојат рамо до рамо со офицерите од другите НАТО Армии“, рече министерката на неформалната средба со питомците.
Воената академија е високообразовна институција која школува кадри за одбраната и Армијата, за кризниот менаџмент и системот за заштита и спасување. На академијата се организира школување на сите циклуси на студии, а професорскиот кадар континуирано учествува во меѓународни научно-истражувачки проекти, конференции и работилници. На академијата освен за потребите на Армијата на Република Северна Македонија се школуваат питомци и од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.