24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Го мобилизираме најдоброто од нашето општество за евроинтеграциите за да го обезбедиме најдоброто за граѓаните

„Процесот на преговорите со ЕУ, Владата ќе го води максимално отворено и инклузивно. Го мобилизираме најдоброто од нашето општество за да им го обезбедиме најдоброто на граѓаните. Затоа ги вклучуваме експертите, искусните, подготвените капацитети од граѓанскиот сектор, од академската заедница, од медиумите“ изјави вицепремиерот за европски прашња, Бојан Маричиќ на прес-конференција.

Тој додаде дека очекува медиумите да ја имаат клучната улога во зајакнувањето на јавната свест и обезбедување на континуирана поддршка за евроинтеграцијата, преку обезбедување точни и навремени информации, како еден од начините да се спротивставиме на сите лажни вести и дезинформации.

„Јасно треба да ни биде дека пред нас е долготраен, масовен, комплексен и многу значаен процес од повеќе аспекти. Овој процес бара многу вложување напори, труд, знаење и финансиски средства“ кажа Маричиќ.

Вицепремиерот истакна дека покрај буџетските средства кои се вложени за спроведување на европските реформи, неизоставен дел од овој процес е и помошта што ја добиваме директно од ЕУ фондовите, но и билатералната развојна помош.

„Со потпишување на финансиска спогодба за ИПА 3 за 2021 година, која треба да се случи до крајот на месецов, во износ од над 90 милиони евра ги засилуваме реформите важни за евроинтеграцијата, за правосудниот систем, за антикорупциската политика, за животната средина и за Зелената агенда“ рече Маричиќ.

Тој додаде дека на вчерашната седница на Владата исто така беше усвоена и Финансиската спогодба за ИПА Годишната акциска програма за 2023 година, во износ од 80 милиони евра, европски средства кои ги ставаме на располагање како директна буџетска поддршка за ублажување на ударите од енергетската криза врз ранливите домаќинства, давателите на јавни услуги и економските оператори.