27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Го ублаживме растот на цените и го заштитивме стандардот на граѓаните со антикризните мерки

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска ја посетија фабриката за производство на месни производи „Пекабеско“. Претседателот на Владата, Ковачевски истакна дека вакви успешни компании ѝ требаат на нашата економија, а Владата се грижи во време на голема непредвидливост наметната од економската и енергетската криза, преку антикризните мерки на компаниите да им обезбеди да ги зачуваат своите бизниси, но најважно од сé да ги зачуваат и вработените. Фабриката „Пекабеско“ е пример за резултатот што го даваат владините мерки, компанијата користи субвенционирано снабдување на струја и поради тоа месните производи од декември лани се намалени за 8%. Преку владина поддршка компанијата има инсталирано и соларни панели, со што задоволува дел од потребите за струја за нивните производствени капацитети.

Во продолжение интегрална изјава од претседателот на Владата:

„Денеска со министрите Бектеши и Николовски го видовме производството на фабриката „Пекабеско“, една од важните движечки сили на домашната економија, позната компанија тука дома и во регионот како и промотор на традиционални месни специјалитети и производи.

На сопствениците, целиот менаџерски тим и пред сé на работниците, во „Пекабеско“ им честитам на мисијата за квалитет, која ја држат во живот цели 44 години и кои создадоа препознатлив вкус преку месните производи кои освен на домашниот пазар, се извезуваат и во Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, меѓутоа и во земјите од ЕУ.

Кога работев во приватниот сектор секогаш се залагав во работењето да се применуваат нови технологии, континуирано да се едуцираат вработените, бидејќи единствено на тој начин компаниите може да го подобрат сопствениот деловен систем. Во обиколка на погоните за производство во „Пекабеско“ се уверив дека оваа компанија исполнува строги стандарди и гарантира висок квалитет на потрошувачите и сето тоа го постигнале токму со инвестирање како во нови технологии, меѓутоа и во инвестирање во кадар. Со создавање новини во производството се создава и раст на компанијата, а тоа најдобро го чувствуваат вработените. Во „Пекабеско“ работат 440 работници и овде просечната плата е 36.000 денари, што е показател дека оваа компанија се залага за квалитетен живот на своите вработени.

Ваквите успешни компании ѝ требаат на нашата економија.

Ние како Влада го цениме тоа и се грижиме во време на голема непредвидливост наметната од економската и енергетската криза, преку антикризните мерки и други политики, на компаниите да им обезбедиме да ги зачуваат своите бизниси, но најважно од сѐ да ги зачуваат и вработените. Од друга страна, преку мерките за компаниите го ублаживме растот на цените и ударот врз стандардот на граѓаните. Пример за ова е „Пекабеско“. Компанијата ја користи мерката за субвенционирано снабдување со електрична енергија и во декември минатата година цената на нивните производи е намалена во просек 8%.

Резултат или придобивка граѓаните имаа и со другите мерки и политики кои како Влада ги донесовме минатата година. Минатата година успеавме да ја покачиме минималната плата на 18.000 денари, со покачување на пензиите, на пензионерите им обезбедуваме достоинствена старост, ги покачивме платите во образованието, во полицијата, во здравството и обезбедивме континуирано зголемување на просечната плата преку воведување на новата методологија.

Дополнително, над 760 милиони евра пари од Буџетот ги усмеривме кон граѓаните, бидејќи тоа се нивни пари. Со пакет антикризни мерки дадовме поддршка за оние категории граѓани на кои помош им е најмногу потребна, обезбедивме помош и за стопанството, никој не е изоставен, безбедно сите ја поминаа есента, а сега и зимските месеци. Со антикризните мерки обезбедивме 80% субвенционирана струја, како и евтина струја за да има непречено функционирање на виталните функции на државата.

Живееме во времиња полни со предизвици, времиња кои бараат брза адаптација и реакција. Јас сум одговорен човек, а одговорни се и министрите во Владата која ја предводам, умее и да интервенира кога и како треба, но во исто време одговорно да управува со парите на граѓаните. Мерките кои ги донесовме се од голема важност за компаниите, бидејќи за нив обезбедивме стабилност, а крајниот бенефит од тоа го имаат граѓаните.

Со истиот овој одговорен пристап, но и со визија за иднината ние пристапуваме и кон енергетската трансформација која ни е толку многу потребна особено во ова време на недостаток на енергенси. Со правилна поддршка и правилно менаџирање, јас сум уверен дека можеме да ја трансформираме нашата држава во хаб на зелената енергија и да обезбедиме и енергетска независност, но и да го снабдуваме регионот со струја од обновливи извори.

Ова го кажувам со цел да посочам дека „Пекабеско“ е дел од таа енергетска трансформација. Со државна помош, преку Законот за поддршка на инвестиции, ова фабрика инвестира во нови технологии, во нови машини. Во моментов „Пекабеско“ претставува најсовремена фабрика за производство на месни производи во регионот, а притоа веќе има инсталирано и фотоволтаични централа од половина мегават, со планови за нејзино неколкукратно проширување.

За крај, уште еднаш ви честитам за успешната работа и се надевам дека годишното производство од 9.000 тони месо ќе се зголемува низ годините, ќе се зајакнувате со нови производствени капацитети, ќе го зголемувате тимот со нови вработувања, ќе освојувате нови пазари, бидејќи успешни компании се показател за успешна државна економија и квалитетен живот за сите наши граѓани.“