25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

 Се откупуваат последните килограми тутун, просечна откупна цена 290 денари, историски највисока до сега

Денеска, Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, во просториите на министерството одржа средба со тутунопроизводителите и откупувачите на тутун.

„Ова беше година на многу предизвици кои ние ги преточивме во успеси. Јас го превземав мандатот токму во екот на откупот на тутун од минатогодишната реколта. Ја започнав 2022 со откупот на тутун, а еве со тутун и ќе ја завршиме. И ова е најубавиот завршеток за ваква предизвикувачка година. Да ја завршиме со убави вести, а тоа е дека откупот на тутун оваа година пишува историја и по цена и по количина и по период на откуп. За прв пат, имаме тутун кој достигна рекордна цена од скоро 290 ден/кгр., што претставува зголемување за +44% во однос на реколтата од 2021 година кога цената беше 200,44 денари“ рече Николовски.

Оваа година, за прв пат имавме откуп кој протече без ниту еден проблем, се помина во најдобар ред како никогаш до сега. И дополнително, целокупното производство од реколтата 2022 година, ќе биде откупено два месеци порано пред истекот на законскиот рок.  Означи дека тутунопроизводителите ќе ги имаат парите на своите сметки токму за новогодишните празници.

Откупот на тутун од реколта 2022 година започна на 15 ноември од страна на 10-те откупни претпријатија и со состојба од 26.12.2022 година откупени се вкупно околу 20.401 тони тутун, што претставува околу 90% од вкупно договорената количина тутун.

Од типот Прилеп се откупени околу 19,980 тони, а од типот Јака 234 тони тутун, а според учеството по класи околу 16.139 тони се откупени во I класа, што претставува околу 79,8% од вкупно откупената количина, а во II класа околу 3.981 тони што претставува околу 19,7% од вкупно откупената колчичина што укажува дека овогодишната реколта е со висок квалитет.

Вкупната вредност на откупениот тутун изнесува околу 5.8 милијарди денари, а исплатено од страна на откупните претпријатија околу 5.5 милијарди денари односно околу 94%.

Договореното производство на тутун во 2022 година е зголемено за околу 8% во споредба со  реколта 2021 година, поради зголемување на површините за околу 11% во споредба со 2021 година. Исто така, за околу 6%, зголемен е и бројот на склучени договори во споредба со реколта 2021 година.

Во производната 2022 година тутунот е засаден на површина од 13.237 ха што претставува зголемување на површините за околу 1.453 ха во споредба со производната 2021 година.

За ова производство склучени се вкупно 29.429 договори што претставува зголемување на бројот на договори за околу 1.780 договори во споредба со производната 2021 година.

„Ќе потенцирам дека ако на годинешната просечна откупна цена од скоро 290 ден/кг., додадеме и 80 денари за субвенции, доаѓаме до рекордно висока цена од 370 денари по килограм. Имаме година на тутунопроизводство која е најдобра во историјата на нашата држава. Искрено се надевам дека овој тренд ќе продолжи и во 2023“ потенцираше Николовски.

Во името на тутунопроизводителите се обрати Ѕвонко Ристески од мало Коњари, прилепско, кој рече дека за прв пат новогодишните и божиќните празници ќе можат среќни да ги дочекаат заедно со нивните семејства, неместо по протести и во страв од откупот.

„Зедно со 80 денари субвенции од државата за прва класа оваа година ние тутунарите добиваме 370 денари по килограм предаден тутун, нешто што не се случило до сега и е најубавата новогодишна честитка за нас. Благодарни сме до министерството што наврмено ги започна разговорите за овогодинешниот откуп со откупувачите, кој дадоа фер цена и ја почитуваа нашата мака и добриот квалитет на тутунот. Заедно покажавме дека можеме да имаме и поинаква откупна година“ рече Ристески.

Николовски на сите присутни им се заблагодари на соработката која вроди со вакви историски резултати и упати честитика за новогодишните празници потенцирајќи дека ова е најубавиот завршеток за ваква предизвикувачка година каква што беше 2022 година.