Надминат е прагот на загаденоста на воздухот и во Гостивар.
Со тоа, и тука стапуваат на сила препораките и мерките за населението кои веќе почнаа да важат за Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица.
Се препорачува ослободување од работа за бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Понатаму, реорганизирање на работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот. Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и обезбедување на услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа треба да обезбеди прифатилишта за сместување на бездомници и поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави препорака до инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.
Органите на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и Единиците на локална самоуправа се задолжени да ја намалат (до 50 проценти) употребата на службените возила. Се препорачува и ограничување на работите на градежните објекти до престанок на важење на препораките и мерките.
Од Министерството за животна средина информираа дека поради проблеми со мрежните системи и инсталација на нова серверска опрема не се достапни податоци од мерните места во Тетово и Гевгелија.