20 декември 2022, Скопје – Германската развојна банка KfW и швајцарската влада, претставена од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), успешно потпишаа договор за финансирање за поддршка на Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ). Со овој договор, SDC издвојува 9,7 милиони швајцарски франци за финансирање на проекти за кооперативна обука во Западен Балкан.
РЦФ е финансиски механизам дизајниран да ја зголеми вработливоста на младите. Фондот ја зајакнува конкурентноста на претпријатијата во економиите на Западен Балкан преку финансирање инвестиции во опрема и инфраструктура за избрани проекти на кооперативна обука имплементирани од установите за стручно образование и обука во партнерства со претпријатија. Грантовите се доделуваат преку регионален натпревар.
Германското федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ) го делегираше РЦФ на Германската развојна банка (KfW), истиот се спроведува од Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан 6 (WB6-CIF), заедничка иницијатива на Стопанските комори од регионот. Буџетот на Фондот од 39 милиони евра, германски финансиски придонес, сега ќе се зголеми на приближно 49 милиони евра благодарение на придонесот на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).
Клаус-Мартин Мулер, директор на Германската развојна банка (KfW) за Југоисточна Европа и Турција, истакна: „Целта на Регионалниот фонд за предизвици е регионална интеграција и создавање можности за економски раст. Досега успеа да ги обедини приватниот сектор и установите за стручно образование и обука. Ги поттикна претпријатијата да се вклучат во стручните обуки, така што се здружија со стручните училишта и на претходните два повици поднесоа предлог проекти. Ги поздравуваме нашите партнери од Швајцарија. Заедно ќе можеме да ги прошириме заедничките инвестиции во дуално образование и кооперативни обуки низ регионот на Западен Балкан 6. Нашата заедничка визија е модернизиран, „зелен“ и иновативен сектор за стручно образование кој успешно одговара на потребите на претпријатијата.“
Дерек Џорџ, заменик-шеф за соработка од Белград истакна:„Швајцарскиот дуален систем на стручно образование е познат како клучен фактор кој придонесува за нашиот економски успех и социјална кохезија. Затоа Швајцарија во целиот регион на Западен Балкан ги поддржува земјите партнери во областа на стручното образование и интеграцијата на младите на пазарот на трудот. РЦФ ќе ги надгради и подобри резултатите на швајцарските билатерални програми во регионот, истовремено искуството и мрежата на швајцарските програми во регионот ќе бидат на располагање на РЦФ. Швајцарија и Германија се членки на Комитетот на донатори за дуално стручно образование и обука. Паметниот дизајн на РЦФ ќе ја промовира нашата заедничка цел за унапредување на релевантноста на пазарот на трудот и вклученоста на приватниот сектор во стручното образование. Училиштата се поттикнати да соработуваат со компаниите – да се интересираат за кои стручни профили има потреба и какви вештини бараат партнерските компании, за потоа да ги подготват и испорачаат потребните обуки во соработка со компаниите.“
„Нашата неодамнешна анализа покажа значителен раст на економијата на Западен Балкан во 2021 година и отворени нови работни места. Но, претпријатијата од шесте економии од Западен Балкан имаат потреба од соодветно квалификуван кадар доколку сакаме да го задржиме овој позитивен тренд и да се спротивставиме на тековните предизвици. Придобивките од заедничкото спроведување на дуални и кооперативни програми за обука во партнерство со добро опремени понудувачи на стручни обуки се препознаени кај многу претпријатија. Со дополнителните средства кои доаѓаат во Регионалниот фонд за предизвици се надеваме дека ќе придонесеме уште повеќе ученици од програмите за стручно образование да ги добијат вештините потребни за развој на нивните кариери во регионот на Западен Балкан“, рече г-дин Балша Чулафиќ, координатор на проектот РЦФ од Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6.
Регионалниот фонд за предизвици има за цел да ја зајакне релевантноста на пазарот на трудот на стручното образование и обука преку зајакнување на пристапот за кооперативна обука во економиите на Западен Балкан 6: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.
На првиот повик објавен во 2021 година, во РЦФ пристигнаа 205 апликации од конзорциуми на установи за стручно образование и обука и повеќе од 600 претпријатија. На крајот беа избрани 37-те најперспективни проекти, одвојувајќи приближно 14,5 милиони евра за регионот. Вториот повик за изразување интерес на РЦФ беше отворен од 7 март до 14 април, 2022 година, каде се натпреваруваа 123 конзорциуми, од кои 47 беа поканети во втората фаза да поднесат целосен предлог проект. Се чека конечниот избор, а Фондот ќе додели приближно 8,8 милиони евра за најуспешните апликанти од вториот повик.
Регионалниот фонд за предизвици е иновативна програма која се стреми да ја зголеми продуктивноста и конкурентноста на бизнисите во Западен Балкан 6. РЦФ е инициран од Германското федерално министерство за економска соработка и развој, делегиран на Германската развојна банка (KfW), а се спроведува од Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан (WB6-CIF), во заедничка иницијатива на стопанските комори од регионот.