23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

МОН почна јавна дебата за изработка на нов закон за средно образование

Потребата за донесување ново законско решение за средното образование во земјата првично треба да го побараме во тоа што постојниот закон се спроведува повеќе од 27 години, а во меѓувреме средното образование стана задолжително, беа донесени нови наставни планови и програми и тие постојано се ажурираат и дополнуваат. Имаме многу нови права и можности за сите фактори во образовниот процес во средните училишта и сето тоа мора да биде дел од една правна рамка. Денес сме тука, заедно, за да ја направиме таа рамка. Имаме основа, која можеме добро да ја надградиме. Ова го истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на отворањето на првата од неколку јавни дискусии, кои ќе бидат организирани во следните денови, по повод изработка на нов закон за средно образование, кој, како што рече, треба да биде во духот на европските принципи и инклузија на сите ученици.

„Ако во минатото законските решенија се носеле зад затворени врати, без присуство на експерти, лица од праксата, наставници, денес, во согласност со заложбата за транспарентно работење и отчетност пред граѓаните, Министерството за образование и наука законските решенија ги носи преку инклузивен процес, преку јавни дебати со сите фактори на образовната дејност“, истакна Шаќири.

Потсети дека Стратегијата за образование 2018-2025 година во делот на општото образование поставува неколку приоритети – подобрување на содржината на средното образование, зголемување на опфатот на учениците и подобрување на инклузивноста и меѓуетничката интеграција во средното образование, подобрување на капацитетите на човечките ресурси во средните училишта и подобрување на условите за учење и на квалитетот на образованието. Водејќи се од овие начела, како што рече, верувам дека со новото законско решение ќе придонесеме за модернизација на националниот образовен систем.

„Ќе обезбедиме системски пристап за поттикнување на конгитивниот, социо-емоционалниот и психомоторниот развој во согласност со потенцијалот и афинитетите на секој ученик. Ќе овозможиме развој на клучните компетенции, кои ќе им бидат неопходни на учениците за понатамошното образование и нивна активна улога во современото општество“, нагласи министерот.

Тој ги повика присутните на дебатата да бидат активни и да дадат свои видувања на предлог-верзијата на законот, која ја изготви работна група составена од претставници на повеќе засегнати страни и да изнесат сугестии со цел усвојување на најдобрата верзија на законското решение.

Со новиот закон за средно образование се дефинира средното образование како институционално, кадровски и содржински организирано на начин што овозможува образование за сите ученици, вклучително и за деца/лица со странско државјанство или деца без државјанство, формирање инклузивни тимови и поддршка за ученици со попреченост. Се дефинира и улогата на образовните асистенти, односно нивното вклучување во образовниот процес со регулиран статус.