Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на Регионалната конференција на тема „Како до подобра заштита на малцинствата од дискриминација“ по повод празникот на Турците, 21 Декември – Денот на настава на турски јазик.
Спасовски во обраќањето пред присутните рече дека која и да е модерна демократска држава не може да се надева на просперитетна иднина, доколку во својот темел ги нема инкорпорирано не само како нормативни столбови, туку и како практично поведение, односно индивидуален и колективен општествен светоглед, начелата на еднаквост и рамноправност.
„Република Северна Македонија од своето осамостојување до денес одлучно ја демонстрираше својата решителност, како држава, како институционален-систем, постојано, во континуитет да ги донесе и практично имплементира сите позитивни стандарди во сферата на малцинските права, градејќи и етаблирајќи современ и целосно граѓански концепт на уставно-правно уредување кој ќе ги обедини, ќе ги мотивира, ќе ги мобилизира сите независно од етничкото потекло и припадност“, потенцираше тој.
„Потеклото не го детерминира просперитетот на една држава , туку сплотеноста за заедничките цели и визии. Негувањето, зачувувањето, почитувањето на различноста не е само работа на норми, култура или на демократичност, туку многу повеќе од тоа работа на совесност, на духовната ширина да се разбере дека солидарноста или грижата кон другиот всушност е грижа кон самиот себе“, рече Спасовски.
Истакна дека малцинските права, особено во мултиетнички средини бараат и заслужуваат постојана опсервација и дијалог во интерес на нивно континуирано унапредување и системско имплементирање.