23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Достоинство и други ја поддржаа Иницијативата на Цивил „Инсиеме/Заедно“ за обединување и европска иднина. Повикот е во тек!

Македонската верзија на „Insieme/Заедно“ од Тото Кутуњо (Евросонг, Загреб, 1990) е дел од Иницијативата за општествено и политичко обединување за европската иднина на нашата земја. Подготовките за Иницијативата започнаа кон крајот на ноември, а неполн месец дена потоа, македонската музичка сцена се збогати со нов и популарен хит. Самата Иницијатива, пак, за неполни три дена по повикот до политичките партии, доби поддршка од повеќе политички лидери во земјава. Успех кој не беше ни во најдобрите сценарија на тимот на Цивил.

Цивил упати јавен повик, кој сѐ уште трае, до сите политички партии да ја поддржат иницијативата за општествено-политичко обединување за европска иднина и интеграција на нашата земја во ЕУ. Тоа можат да го сторат на едноставен начин: на профилите на социјалните мрежи на партиите, ограноците или на партиските лидери, да го споделат линк до песната од видео каналот ЈуТуб или од Фејсбук.

ПОВИКОТ СЀ УШТЕ ТРАЕ. Политичките партии се добредојдени да ја споделат македонската верзија на „Insieme/Заедно“ на своите профили на социјалните мрежи и на тој начин да ја изразат поддршката за европските перспективи на нашата земја.
Од ВМРО-ДПМНЕ први се одзваа на повикот на Цивил.

„ВМРО-ДПМНЕ со свој придонес кон иницијативата за општествено и политичко обединување за европски вредности и интеграција во ЕУ“ – напишаа од партијата на својот профил на Фејсбук.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, ја поддржа иницијативата на Цивил со зборовите:

„Нема поголема македонска кауза од обединувањето на сите наши граѓани околу европската иднина на нашиот народ и нашата татковина.“

СДСМ се придружи кон Иницијативата со споделување на песната на партиската ФБ страница, со пораката:

„СДСМ ја поздравува и ја поддржува иницијативата на ЦИВИЛ за општествено и политичко обединување за европска иднина на нашата земја. Да создадеме заедништво околу европскиот пат! Македонската изведба на евровизискиот хит од деведесеттите INSIEMЕ/ЗАЕДНО звучи одлично! #MKinEU.“

Потоа следеше поддршка од партијата Алтернатива која на својата партиска ФБ страница објави:

„Алтернатива се приклучува на иницијативата на Цивил МК за промоција на домашната верзија на песната „Insieme“ (Заедно)“.

Д-р Арбен Таравари, лидерот на Алијансата за Албанците, на својата јавна ФБ страница напиша:

„За европска иднина на сите граѓани на Република Северна Македонија. Ја поддржуваме иницијативата на ЦИВИЛ – Центар за слобода и музичките ѕвезди.“

И лидерот на партијата Достоинство, Стојанче Ангелов, ја сподели песната „Insieme/Заедно“ на својот профил.

СДСМ одговори на повикот на Цивил за промоција на европските вредности и преку сценсја изведба на „Insieme/Заедно“, на сцената на големиот партиски настан под мотото „Силно и одлучно кон иднината“ во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, на 17 декември.

Песната на Тото Кутуњо е симболичен придонес на Цивил кон промоцијата на европските вредности и поддршката за евроинтеграцискиот процес кој, по долгото чекање, доби конкретен и извесен тек. Цивил ги повика сите политички партии во земјата да станат дел од оваа иницијатива, јасно да ги артикулираат своите ставови и дадат конкретен придонес кон македонската иднина во Европската Унија.

Повикот за општествено и политичко обединување за европската иднина е во тек.

Цивил им заблагодарува на сите политички партии и лидери кои ја дадоа својата поддршка за проевропската иницијатива и ги очекува пораките од другите политички партии со потврда на нивната поддршка.

ЦИВИЛ