Во следната година, продолжуваме уште поинтензивно со работа, пензиите ќе ги зголемиме два пати, минималната плата повторно ќе порасне, како и просечната плата, а во многу сектори предвидени се и дополнителни зголемувања на платите, порача претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.
Ковачевски истакна дека во следата година ќе започне изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10Д и ќе се заокружи прцесот на гасификација на државата.
„Невработеноста и во услови на криза ќе продолжи да се намалува. Очекуваме нови странски инвестиции и нови работни места. Цената на електричната енергија за домаќинствата нема да се зголеми, а за малите компании ќе се намали. Очекуваме намалување на цените на прехранбените производи и зауздана инфлација.
Конечно идната година, започнува изградба на Коридорот 8, од Тетово до границата со Албанија. И конечно започнува изградбата на Коридорот 10Д, патот Прилеп – Битола. Планираме и завршување на целокупната гасоводна национална мрежа. Пред нас е стабилна, развојна и фокусирана година.“ посочи тој.
Ковачевски повика на национално обединување за државните и националните приоритети.
„Нудам и барам национално обединување за државните и националните приоритети. Подготвен сум со сите искрени и добронамерни фактори, на сите нивоа, да разговараме и заеднички да креираме решенија. Време и место за евтина политика не треба да има, и на такви популисти нема да губиме енергија.
Сосема сум свесен за последиците од децениските разочарувања, стоење во место, политичките препукувања, кризите од надвор и внатре! И јас сум човек и граѓанин, кој сака повеќе, подобро, побрзо! Сака да види средена и држава со оптимизам и внатрешна позитивна енергија.
И со таа обврска да успееме, јас живеам и работам од првиот ден како Премиер, бидејќи знам дека ја имам лично најголемата обврска и одговорност“ заклучи Ковачевски.