„Сѐ што е демократска институција, дебата, контрола, аргументи опозицијата го смета за свој најголем непријател, а бидејќи немаат ниту знаење, ниту аргументи – го користат народот како свој штит, па противниците ги прогласуваат за непријатели на народот“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Скопје.
Тој додаде дека со нив и слични клонови Македонија беше заробена држава поради што ни требаа години за да се вратиме во групата демократски држави.
„ Денес, кога ние повикуваме на национално и државно единство, од другата страна се соочуваме со гол, евтин и опасен популизам кој е базиран на национализам, лажен патриотизам и примитивизам. Дали станува збор за лев или десен популизам, резултатот е ист. Исти се. Во секое време нудат широк избор на лесни и лажни одговори на тешките прашања. Но, никако не сакаат да помогнат да се решат“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека и едните и другите ги спојува пристапот на создавање на внатрешни и надворешни непријатели.
„Ниту еднаш не понудија аргументи, рационални причини, логика. Но затоа, секој ден сејат само лаги, стравови, црнила – за да го остварат својот интерес“ рече Ковачевски.