28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Зечевиќ: Вредностите на НОБ и АСНОМ се втемелени во политиката на СДСМ

Вредностите на НОБ и АСНОМ се длабоко втемелени во политиката на СДСМ и тие се наша ѕвезда водилка кон иднината, рече генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ на денешната трибина „Силно и одлучно кон иднината“ во Скопје

-Нашите предци, револуционери, преродбеници, партизани, со својот живот и со своето херојско дело се вградиле во создавањето слободна македонска држава. Нивниот аманет, ние, македонските социјалдемократи го исполнуваме. Вредностите на НОБ и АСНОМ се длабоко втемелени во политиката на СДСМ и тие се наша ѕвезда водилка кон иднината. Борбата на сегашните македонски генерации е политичка борба за интеграција на нашиот уникатен македонски идентитет во европскиот, рече Зечевиќ.

Огромни жртви се дадени низ македонската историска епопеја, додаде Зечевиќ и затоа не смееме да ја пропуштиме шансата што како нација ја имаме во овој историски моментум.

-Низ трновитата македонска историја, многу страдања и премрежиња се поминати, многу животи дадени, многу огништа згаснати, судбини уништени. За тоа, сите треба да бидеме свесни: не смееме да си го дозволиме луксузот и да ја пропуштиме шансата што ја имаме како нација во овој нов историски моментум. Ова е времето кога ја зокружуваме државноста со нејзино издигнување на повисоко ниво, целосно етаблирана на светската мапа на суверени држави, рамноправна како нераскинлив дел од европското семејство! Ние имаме голема патриотска должност – да ги детерминираме и да ги поставиме новите магистрали, новите столбови врз коишто ќе почива иднината на Европска Македонија. Тоа е новото време и новата реалност. Тоа е современиот патриотизам за Европска Македонија, рече генералниот секретар, Миле Зечевиќ.