25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Спасовски за ТВ Клан: Македонија покажа дека дијалогот е вистинското решение како да се решат проблемите и да се оди напред

Министерот Оливер Спасовски во интервјуто на ТВ Клан за безбедносната состојба на целиот регион на Западен Балкан истакна дека овој регион ќе ја финализира својата стабилност со целосната интеграција во Европската Унија.

„Регионот на Западен Балкан е регион во кој се испреплетуваат геостратешките интереси на големите сили. Само интеграцијата во НАТО и ЕУ ќе го направат оваа подрачје целосно мирно. Кога зборувавме за тоа колку е важно членството на нашата земја во НАТО можеби сите не целосно го разбиравме тоа. Но, за жал, брзо дојде агресијата на Русија врз Украина со што веднаш се виде колку е важно нашето членство во НАТО, колку е важна безбедноста“, потенцираше министерот Спасовски.

Министерот Спасовски потенцираше дека Европската Унија, која можеби претходно не го посветуваше потребното внимание на регионот на Западен Балкан, после војната во Украина ја промени перцепцијата и сите процеси се придвижени во позитивна смисла напред.

„Проактивноста на Европската Унија, желбата за соработка и проширување дава ефект кон решавање на сите конфликти во регионот. Не можеме во регионот да дозволиме да опстојува руската стратегија на замрзнати конфликти. Посакувам сите отворени прашања на Балканот, за Косово, за Босна и Херцеговина да се решат низ дијалог. Република Северна Македонија покажа дека дијалогот е вистинското решение да ги решите отворените прашања, прашањата кои може да предизвикаат конфликти со соседите и притоа да одите напред, како што е случај со нашата држава“, потенцираше министерот Спасовски.