27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

ЕУ ГО ОДБИ БУГАРСКОТО БАРАЊЕ ЗА МАКЕДОНИЈА: „Директна порака за Софија, самата декларација е примитивен чин на унилатерална заблуда“

Советот на ЕУ ја одбил бугарската декларација со која се барало „ефективно гонење и осуда за злосторства од омраза од страна на властите во Северна Македонија“. Софија барала нејзината унилатерална изјава да влезе во заклучоците на Советот за општи работи во делот за Северна Македонија, но министрите го одбиле тоа барање. Со тоа останува поддршката за нашата позиција и продолжување на пристапните преговори со Унијата.

Политичкиот аналитичар Иво Ранѓеловиќ во разговор за „Локално“ вели дека пораката од ЕУ е јасна – не можете да бидете додадена вредност во една унија која се темели врз историските вредности на европскиот континент, со политика која негира нации, народности и јазик.

-Самата декларација е примитивен чин на унилатерална заблуда во која тлее бугарската политика, но не и јавност, истакнува тој.

За тоа дали ова е позитивен знак за земјава дека се работи во вистинска насока во однос на говорот на омраза, аналитичарот истакнува дека не познава потолерантна земја од Македонија во светот, во однос на малцински, религиски или културолошки права.

-Ниту пак постоела влада која ширела говор на омраза во било каква форма. Категоричен сум во мислата дека македонските власти во минатото и сега дури премногу трпеле омраза од политиките, пред се, на земјите од регионот. Ако во нешто сме европски, тоа е во нашиот однос кон останатите народи и нации на овој свет, објаснува Ранѓеловиќ.

Сепак аналитичарот се сомнева дека сега останува се на нас во однос на евроинтегративниот пат.

-Би сакал да е така, но се сомневам. Причината е што јавноста во Македонија сеуште не знае што навистина значи францускиот предлог, и како истиот ќе биде искористен од официјална Софија. Да, реформскиот процес зависи од нас самите, но формалното членство зависи од ,,се’’, само од Македонија не, порачува аналитичарот.

Околу уставните измени, Ранѓеловиќ оценува дека динамиката е во рамките на дозволеното, но проблемот е од друга природа.

-Власта и опозицијата имаат голема одговорност за евентуалниот неуспех на изгласување на уставните измени – иако тоа е само теорија. Додека опозицијата му пркоси на процесот поради партиско-политички цели, власта не смееше да се обврзе за нешто за што нема гарантирано мнозинство, тврди соговорникот.

Аналитичарот Алберт Муслиу смета дека Советот на ЕУ со најновата одлука испраќа директна порака до Бугарија за ставот на Унијата за прашањето за Бугарите во Македонија. Тој во разговор за „Локално“ вели дека тоа не се тајни пораки.

-ЕУ е заснована на антифашизмот. Дури и Германија и Италија се свесни за тој став. Антифашизмот е еден од темелите. Тоа е јасна порака, не е извртена. Можеби тие искажуваат ставови и за НОБ во Југославија, но за Македонија е јасен ставот и нема дилеми, смета Муслиу.

Според него, говорот на омраза не е нешто страно во нашата држава.

-За жал, неодговорни граѓани на оваа држава ја ставаат на мака земјата поради нивните моментални ставови кои што и во Бугарија ги има и со што се злоупотребува. Ако домашните луѓе се сметаат за патриоти… Патриотизам е да ѝ помагаш на државата, а не да се фалиш дека си патриот, потенцира аналитичарот.

Нашиот интегративен пат, вели тој, дека премногу го политизираме.

-Тој е поврзан со реформите и спремност на политичките елити да пристап кон реални реформи и кон реално имплементирање на тоа што треба да се направи. Историјата и политиката се помал дел од интегративните процеси. Ако паметно и мудро дејствуваме, со политички прашања ќе се соочиме на крај, кога треба да гласаат земјите-членки за наш прием. Што повеќе се политизира процесот за време на отворањето и затворањето на поглавјата, ни оди нам на штета, а немаме од тоа придобивка, рече Муслиу.

По него идеално би било кога опозицијата во преговори со власта би ги прифатила аргументите за уставните измени и целиот процес би се завршил консензуално.

-Тоа би била јака порака и за Бугарија и за ЕУ дека во Македонија елитите и народот е сплотен кон членството во европското семејство, заклучува Муслиу.

За одбивањето на бугарската декларација од страна на ЕУ, политичкиот аналитичар Агим Јонуз вели ЕУ во моментов е соучесник во сите можни игри.

-Да сакаше таа да спречи нешто или да модифицира ситуација, сосема поинаку ќе се однесуваше, смета аналитичарот во изјава за „Локално“.

Според него, ние 40 години одиме во позитивна насока

-Меѓутоа, дневната политика си го прави го своето и се ова што се случува е всушност дневна политика, истакнува Јонуз.

Сепак не е оптимист дека сега се останува на нас во поглед на евроитегративниот пат.

-Интегративниот пат на земјава ќе си тече по свој тек со уште многу вакви слични нешта, укажува Јонуз.

Околу можноста за отворање на Уставот и внесување на Бугарите, аналитичарот смета дека ќе се оствари и според него, тоа е веќе однапред смислено од ЕУ.

-Се што наметнала ЕУ досега, ќе се оствари. Ќе го лапнеме како поп-сарма или како оџа локум и има да ги изгласаме промените, дециден е соговорникот.

Н.П.

извор: Локално.мк