Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во придружба на началникот на Генералштабот, генерал- потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска во Кичево ги посети припадниците на Четвртиот пешадиски баталјон на Првата бригада и единицата за логистичка поддршка, сместени во касарната „Чеде Филиповски-Даме“.
Петровска беше информирана за активностите на армиските припадници во оваа касарна, како и за успешната реализација на теренската вежба, која се одржа во јуни, чија цел е подготовка на армиските припадници за учеството во борбената група на Европската Унија – HELBROC 23/1. Припадниците на четвртиот пешадиски баталјон минатиот месец успешно ја завршија и вежбата „Талос-2“ во Грција, каде што покажаа дека се оперативно подготвени во согласност со стандардите за учество во вежбата Immediate Response 23 на Криволак, како и во мисијата предводена од Европската Унија, кои ќе се одржат во 2023 година.
Министерката Петровска порача дека Министерството останува посветено на унапредувањето на условите за работа и стандардот на припадниците на Армијата, факт што може да се види преку последните измени во Законот за служба во Армијата, со кои се предвидуваат голем број поволности за припадниците на Армијата.
Петровска истакна дека процесот на модернизација и опремување тече во согласност со предвидената динамика и дека армиските припадници со нивното место во општеството и довербата што ја имаат кај граѓаните тоа го заслужуваат.
Министерката упати честитки до припадниците за досегашниот придонес во мировните мисии ИСАФ, „Одлучна поддршка“, АЛТЕА, УНИФИЛ и КФОР, за нивниот континуиран придонес кон глобалната и регионалната безбедност и стабилност.
Во моментот припадници од овој баталјон заедно со припадници од артилерискиот баталјон реализираат подготвителна обука за следната ротација во мисијата КФОР.
За време на посетата, министерката Петровска и началникот на Генералштабот, Ѓурчиновски, беа придружувани од командантите на Оперативната команда и на 1. пешадиска бригада, генералите Бесник Емини и Сашко Лафчиски.