Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во пред медиумите и јавностa го презентираше предлог Буџетот на МВР за 2023 година со вкупна вредност од 182.7 милиони евра.
„Втората основна цел на овој развоен буџет е продолжување на востановената заложба за создавање на модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција. Полиција која на законит, стручен, транспарентен и одговорен начин ќе продолжи одлучно и неселективно да се справува со организираниот криминал и корупцијата и успешно да работи на превенцијата од сите криминогени и други противуставни дејствија”, рече министерот Спасовски.
Презентирајќи ја ставката на Стоки и услуги во предлог Буџетот на МВР за 2023, со вкупна вредност од 25.6 милиони евра, министерот Спасовски истакна дека покрај предвидените средства за сервисирање на сите тековни и вонредни потреби на министерството – електрична енергија, горива, храна за специјалните единици согласно актуелните правилници, во текот на 2023 година ќе се заокружи и модернизацијата на последниот хеликоптер од флотата на Хеликоптерска единица за полициски намени.
„Секако, по инвестираните над 10 милиони евра за набавка за униформи заприпадниците на сите организациони единици на МВР во претходниот период, во 2023 година предвидовме средства за набавка на униформа за новите кандидати за полициски службеници, но и обуки, едукации и стручни усовршувања на полицијата. Со ова продолжуваме кон нашата цел, со уште поголема енергија да ги воспоставуваме европските стандарди во полицијата, па преку опремена полиција и стручни вработени да можеме да претендираме на уште подобри резултати во работењето”, рече министерот Спасовски.