25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Ковачевски од лидерскиот самит во Виена: Солидарност и правда се најсоодветни одговори за кризата

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска учествува и има свое обраќање на Самитот на лидери од Западен Балкан во Виена, Австрија, организиран од Групата на социјалисти и демократи (Socialists & Democrats) во Европскиот парламент.

– Прашањето денес е дали социјалдемократијата може повторно да го спаси и стабилизира светот? Дали можеме да обезбедиме економски просперитет и социјална стабилност и да ја заштитиме демократијата за идните генерации? Можеме ли повторно да го трансформираме општеството и да создадеме подобра иднина за нашата генерација и за нашите деца? Ова се тешки прашања што ги знам, а дебатата може да биде долга за ова, но за себе можам да кажам дека сум внимателен оптимист, како што сакам да кажам често. Тоа значи дека останувам со надеж за иднината, но работам напорно за да ги постигнам поставените цели. Чекор по чекор, полека но сигурно, работејќи кон подобро, праведно, слободно и инклузивно општество за сите, рече Ковачевски на почеток на своето обраќање.

Претседателот Ковачевски додаде дека овие прашања се суштинска тема и во земјава но дека со внимателен оптимистички пристап во изминатите 10 месеци видливи се опипливи резултати во услови на глобална криза.

-Во изминатите 10 месеци успеавме да ги надминеме предизвиците наметнати од светската економска и енергетска криза и практично да го спасиме и зачуваме капацитетот на македонската економија. Кога започна војната не беше јасно дали ќе има храна, струја, парно, нафта, дали ќе има доволно пари. Ова беше тешка ситуација за сите, но беше, и се уште е најпредизвикувачки за најранливите граѓани, додаде тој.

Моето ветување беше дека никој нема да биде оставен сам и никој не беше оставен сам во оваа криза, потенцираше Ковачевски.

-Моето ветување и мојата мисија беше и се уште е никој да не биде оставен зад себе. И ние не оставивме никого зад себе. И јас сè уште силно верувам дека тоа е вистинскиот пат и суштината на социјалдемократијата. Тоа е најсоодветниот одговор на глобалната кризата, заснован на вредностите на солидарност и правда, додаде Ковачевски.

Претседателот на СДСМ и премиер потенцираше дека Владата којашто ја предвови се фокусираше на финансиски најзагрозените граѓани, пензионерите со мали пензии, самохраните родители, студентите и другите ранливи категории на граѓани додавајќи дека се реализирани два пакети антикризни мерки вредни 760 милиони евра, најголеми во регионот.

-Решивме да се однесуваме одговорно и во овие моменти на потреба, со овој одговорен пристап, правилно да го распределиме ограничениот буџет и да ги вратиме парите кај граѓаните кога беше најпотребно. Обезбедивме два пакета антикризни мерки за заштита на најзагрозените граѓани, во вредност од над 760 милиони евра што е најголемиот пакет во целиот регион. Во контекст на тоа, нашиот буџет за 2022 година беше околу 4 милијарди и 760 милиони од тоа, беа насочени кон граѓаните, особено ранливите. Со истиот одговорен пристап бевме и ние способни да обезбедат ликвидност на компаниите, обезбедувајќи сигурност на работното место за сите наши граѓани, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во своето обраќање на лидерскиот сами во Виена.

На самитот учествуваат и имаат свои обраќања и: Претседателот на Црна Гора и претседател на Демократската партија на социјалистите-Мило Џукановиќ , Премиерот на Косово-Албин Курти, министерката за надворешни работи на Словенија и претседателката на словенските социјалдемократи – Тања Фајон, претседателот на социјалдемократите од Хрватска -Пеџа Грбин, на социјалдемоктатите од Босна и Херцеговина-Нермин Никшиќ, претседателот Демократската партија на Србија – Зоран Лутовац, како и претседателката Гарсија Перез, потпретседателот на Групата социјалисти и демократи Педро Маркез и координаторот за надворешни работи, европарламентарецот, Тонино Пицула.