Како и сите предлог Буџети на министерствата, така и предлог буџетот за земјоделство за 2023 година е развоен, базиран на мерки за поддршка на земјоделците, антикризни мерки за одржливо и зголемено домашно производство на земјоделски производи и храна во услови на криза, капитални инвестиции и модернизација на земјоделството на среден и на долг рок, информира премиерот Димитар Ковачевски презентирајќи ги деталите од буџетот за овој сектор.
-Предлог Буџетот за земјоделство за 2023 се темели на неколку цели: почеток на авансна исплата на субвенциите и навремена исплата на сите субвенции, одржливо и зголемено домашно производство на храна, капитални инвестиции и модернизација на земјоделството. Во 2023 година започнува најголемата реформа во земјоделството, за првпат, по европски терк, се воведува новиот „decoupling систем“ за распределба на субвенциите. Ќе ги добиваат парите тогаш кога им се најпотребни, да можат навреме да се подготват за новата производствена сезона, да можат да вложуваат во модернизирање и зголемување на производство, рече Ковачевски.
Тој додаде дека во тој контекст, дополнителна поддршка добиваат оние земјоделци кои ќе се насочат кон производство на стратешките култури, со користење на сертифицирано семе и производот ќе го предадат кај регистрирани капацитети или земјоделски задруги.
-Дополнителна поддршка е предвидено и за земјоделците кои од своето производство создаваат финален производ за продажба.
И наредната години продолжува реализацијата на Планот за производство на храна заедно со Интервентната програма, кои согласно тековните состојби ќе се дополнуваат со нови мерки за помош на земјоделците и за зголемување на домашното производство на храна во услови на криза.
Зголемувањето на домашното производство е директно условено од капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура и наводнувањето на земјоделските посеви. Затоа и наредната година силен фокус ставаме на капиталните инвестиции во модерни системи и брани за наводнување, што крајно ќе придонесат за намалување на трошоците и загубите во производството, а од друга страна ќе придонесат за создавање на модерно и европско земјоделство, кажа Ковачевски.