24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Одлична вест: Поевтинува роамингот меѓу земјите на Западен Балкан и земјите на ЕУ

Тирана е домаќин на Самитот на земјите од Западен Балкан кој ќе се одржи во вторник на 6 декември, под покровителство на Берлинскиот процес и во организација на премиерот Еди Рама, јавува Пресс24.мк.

Како што дознава порталот од извори од Европската Унија, на Самитот шесте држави и претставниците на Европската Унија треба да потпишат многу значаен договор за намалување на цените на роамингот за разговори и интернет меѓу било која држава од Западен Балкан и било која држава од Европската Унија.

Покрај Северна Македонија, потписници на овој договор треба да бидат и Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија. Сепак, со оглед на екстремно високото ниво на тензија меѓу Србија и Косово и неизвесноста дали Александар Вучиќ и Ана Брнабиќ ќе одлучат да го бојкотираат Самитот во Тирана, нашите извори брифираат дека под знак прашалник е и потпишувањето на договорот за паѓање на цените на роамингот меѓу Западен Балкан и ЕУ.

Роамингот пред три години за прв пат поевтини меѓу земјите од Западен Балкан, за целосно да биде отстранет на 1 јули 2020 година. По истата методологија, доколку на 6 декември се потпише договорот во Тирана, најпрво ќе поевтини роамингот меѓу земјите од Западен Балкан и земјите од ЕУ, а потоа истиот целосно ќе биде укинат. Со тоа граѓаните од Северна Македонија и регионот ќе можат да комуницираат со своите мобилни телефони и во земјите од ЕУ како да се дома.