Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека внатрешната контрола утврдува факти за случајот со возилото кое во медиумите се поврзуваше со синот на заменикот министер Назим Буши. Во гостувањето во „Само интервју“ тој сподели дека се креирало мислење во јавноста само врз основа на написи кои наводно се повикуваат на извори во МВР.
-Кои беа написите што беа потенцирани во дел од медиумите? Прво дека возило ауди што се возело со голема брзина не застанало пред полициски службеници, па дека некој го пропуштил, па дека бил син на заменик министер, па дека било службено возило на СОЗР.. Ова се информации што се базираат на шпекулации. Најлогичниот начин во борба против лажни вести е да се каже вистината, рече Спасовски.
Тој ги кажа деталите што до моментов ги утврдила внатрешната контрола.
-Точно е дека имаме јавување од страна на граѓанин дека одредено возило се движи со поголема брзина. Тој материјал од 192 е документиран и разговорот е снимен. Не е точно дека е возило на СОЗР или било кој друг државен орган. Второ, воопшто возилото не е стопирано, не е точно дека не застанал пред полициска патрола. Тоа е единствено јавувањето на граѓанинот. Возилото се води на правен субјект, не на физичко лице, во тој момент не било управувано од синот на заменикот министер. Тоа се работите утврдени од внатрешната контрола. Станува збор за возило мерцедес, а не ауди како што се пишуваше, истакна Спасовски.
Министерот повика сите кои располагаат со одредени податоци да достават во Обвинителството и да не се шират шпекулации. Според Спасовски, никој не е неказнив и сите се еднакви пред законите.