25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
penov
.ЛОКАЛНО

Од Нова година повеќе пари за Општините од ДДВ и персонален данок

Општините во Македонија над 70 отсто од парите ги добиваат од владата, а за капитални инвестиции трошат помалку од 20 отсто од буџетите. Има општини коишто речиси целосно преживуваат од владини донации и немаат ниту денар за капитални инвестиции.

Општините досега добиваа 3 отсто од данокот на личен доход. Според измените, годинава ќе почнат да добиваат 4 отсто, догодина 5 отсто, а во 2024 година 6 отсто од парите кои ќе се соберат по основ на овој данок.

-Општините од наредната година ќе добиваат повеќе пари од даноците и во Фондот за перформанси и Фондот за изедначување ќе се распределат по 0,5 отсто, соодветно, додека во Основниот 4,5 отсто, вели за ЦИВИЛ медиа, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.

Тој додава дека ваквите измени на законот се дел од реформите за финансиска децентрализација за Општините да бидат постабилни и помалку зависни, но сепак останатите чекори од планот за децентрализација се заглавени во Собранието.

-За да имаме успешна јавна расправа и да им се овозможи поголема независност на општините потребно е да имаме функционален Парламент и без блокади и секако треба да има политичка волја, вели Пенов.

Со измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправасе предвидува повеќе пари да се влеваат во општинските каси и од персоналниот данок.

Колку пари ќе добиваат општините
Проценките на владата се дека парите што општините ги добиваат по овие два основи речиси ќе се удвојат до 2024 година, од сегашните 2,8 милијарди денари на 5 милијарди денари.

– Согласно проекциите со предвидените 3 отсто од данокот на личен доход средствата за општините сега изнесуваат 600 милиони денари. Дополнителните 3 отсто, согласно фискалната стратегија и планираните приходи, во 2024 година средствата за општините ќе изнесуваат 1,562 милијарди денари, односно 781 милион денари повеќе. По основ на дотација од ДДВ во 2024 година со 4,5 отсто предвидени се 2,8 милијарди денари, додека со 6 отсто ќе добијат 3,7 милијарди денари. Тоа е една милијарда денари повеќе. Вкупниот ефект во 2024 година ќе биде 1,7 милијарда денари повеќе пари за општините на годишно ниво – напиша во една колумна министерот за финансии Фатмир Бесими.

Според предвидувањата на Бесими со три проценти од персоналниот данок во 2021 година единиците на локалната самоуправа одеа 600 милиони денари, односно околу 10 милиони евра годишно.

Со зголемувањето од 2023 година, по овој основ Општините ќе добиваат дополнителни 12 милиони евра. Во однос на ДДВ, околу плус 27 милиони евра ќе добиваат Општините од 2024 година кога процентот ќе биде 6 отсто, додаде министерот Бесими.

Во долгови,најчесто ги спасува Владата
Општините заедно со своите јавни претпријатија на крајот на минатата година имаа долг од 127, 4 милиони евра. Само нивните администрации должеле 69 милиони евра, а нивните јавни претпријатија 58,4 милиони евра. Проблемот на финансиската стабилност на општините со години останува непроменет и покрај напорите на партиите на власт од осамостојувањето, да донесат некакво системско решение кое ќе ја промени.

Владата во два наврати во изминативе години им префрли 100 милиони евра. Минатото лето им префрли 50 милиони евра од таканаречената „програма ТАВ“. Во 2018 година, владата им даде на општините 50 милиони евра да вратат половина од долговите. Сепак, сè уште има општини кои се презадолжени.

Лани во септември Владата предложи реформи за подобрување на финансиската децентрализација на општините со кои требаше да се подобри состојбата, но дел од измените на одделни закони кои требаше да го овозможат тоа заглавија во Собранието.

Реформата, како што соопштија од Владата лани , се состои од три столба: зголемување на фискалниот капацитет на општините и зголемување на приходите на општините, зголемување на финансиската дисциплина на општините, намалување на долговите и домаќинско работење и зголемена транспарентност и отчетност.

Од што најмногу собираат пари?
Истражувањата на организацијата Фајнанс тинк покажуваат дека просечно, дури 76 отсто од приходите на општините доаѓа од трансфери и донации од централниот буџет. Најлошо стојат Арачиново, Центар Жупа и Студеничани, чиишто буџети над 90 отсто зависат од донациите од владата, додека најдобро стојат Пехчево, Центар и Чучер Сандево коишто зависат од владата помалку од 50 проценти.

Во просек, 6 отсто од буџетите на општините се полнат од данок на имот, но и тука има големи разлики меѓу различни општини. Буџетите на Центар Жупа, Арачиново, Пехчево и Македонска Каменица зависат од овој данок помалку од 1 отсто, додека во Центар и Карпош над 20 отсто од буџетот се полни од данокот на имот.

Истражувањето на Фајнанс тинк покажува дека само 19 отсто од општинските буџети одат на капитални инвестиции. Најдобра е Пласница со 70 отсто, па Чучер Сандево и Лозово. Најлошо стои Арачиново со нула капитални инвестиции, па Боговиње и Ранковце, коишто трошат еден, односно 2 проценти од парите за капитални инвестиции.

Соња Танеска

извор: Civilmedia