24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

УКИМ ги охрабрува сите засегнати од сексуално вознемирување да го пријават истото

Темата за сексуалното вознемирување, иако повеќе како табу тема, постои како проблем во секој аспект од нашето опкружување, но за осуда на таквите појави, мора првенствено соодветно да бидат пријавени, велат за „Локално“ од УКИМ за резултатите од истражувањето спроведено од студентите на Меѓународните интеркултурни студии во соработка со здружението Младински мировен хаб и Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје.

Според институцијата, УКИМ обезбедува максимална заштита на своите студенти и вработени, со цел каков било тип на вознемирување воопшто да не се случува и токму затоа, сексуалното вознемирување е внесено во нашиот нов Етички кодекс и секоја негова форма е најстрого осудена и казнива.

-Ги охрабруваме сите кои се засегнати од каква било форма на сексуално вознемирување, да го пријават истото, со цел да се преземат соодветни мерки. Дополнително, на УКИМ има лица за прием на пријави од укажувачи, кои може да се однесуваат и на сознанија за извршени неетички дела, понатаму овластени лица за прием на пријави за корупција и овластени лица за претставки и предлози, ни соопштија од таму.

Додаваат од УКИМ деа на сите засегнати, во обид за најбрзо и најсоодветно решавање на ваквите проблеми, им гарантира доверливост и безбедност и ги охрабрува своите студенти да пријават каква било форма на вознемирување до надлежните тела на нашата институција.

Ова следува откако истражувањето покажа дека еден од пет студенти или 21,3 отсто биле во ситуација професор/ка да им се обрати со прекар како „девојче“, „злато“, „кукле“, „маче“. Еден од четири студенти или 26,2 отсто, пак, биле сведоци на споделување сексуални шеги или шеги што се темелат врз родови стереотипи од страна на професор/ка, а на 15,6 проценти од студентите им било даден коментар за нивниот физички изглед.

Повеќе од половина или 51,8 отсто од студентите одговориле дека УКИМ „не ги штити“ и „воопшто не ги штити“ студентите од сексуално вознемирување.

-Многу сум скептична во однос на методолошката поставеност на тоа истражување. Тоа е голем процент и јас сум била студентка на овој универзитет и никогаш не сум била сведок на такво нешто. Можам од спротивната страна да зборувам за делот од нашиот менталитет и пристојноста на облекувањето на одредени студенти. Ние воопшто не сме ригорозни во однос на тоа, неодамна изјави професорка од УКИМ за „Локално“ која сакаше да остане анонимна.

Таа потенцира дека е изненадена од резултатите од истражувањето.

-Истражувањето доаѓа од самиот универзитет. Не можам да го коментирам бидејќи не знам какви биле прашањата и како било спроведувано. Малку ми се вознемирувачки процентите на состојбите. Кога би било перфектно тоа истражување, јас на тоа би гледала како на општествен проблем, а не на проблем на УКИМ, оценува професорката.

Н.П.

извор Локално.мк