28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Претседателот Пендаровски: Брзината на интеграцијата во ЕУ зависи најмногу од нас

Претседателот Стево Пендаровски, денеска се обрати на петтата пленарна сесија на Националната конвенција за Европска унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) што во организација на Европското движење се одржува во Собранието на Република Северна Македонија.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Видео-материјал:
– Обраќање на претседателот Пендаровски – https://youtu.be/rUJK4VOMmCI

Ваши екселенции,
Почитувани присутни,

Дозволете да се заблагодарам на организаторите за можноста по втор пат да се обратам на Пленарната конференција во организација на Националната конвенција за Европска Унија. Истовремено би сакал да упатам благодарност кон вас и вашите меѓународни партнери, за сите активности во изминатиов период, насочени кон подигање на нивото на дијалогот во однос на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија.

Вашиот конкретен придонес во дебатата околу интеграциите добива посебно значење, сега, кога веќе го надминавме бугарското вето и ја отворивме првата фаза од преговарачкиот процес. Во тек е фазата на билатералниот скрининг, прилично динамичен период е пред нас, па оттука, би сакал да порачам, да останеме посветени и ангажирани, бидејќи европската интеграција и реформите кои се во тек, а, особено оние што претстојат, се примарна задача за одговорните политичари, но, и за многу други општествени чинители.

Почитувани,

Пред да се осврнам конкретно на денешната тема, би сакал сосема кусо да одбележам дека се ближиме кон крајот на една исклучително тешка и непредвидлива година, во која суштински се промени севкупната безбедносна архитектура во Европа како резултат на руската воена агресија врз Украина. Овој илегален чекор, без преседан во поновата историја на Европа предизвика цела серија проблеми од кои, за жал, ниту една земја на континентот не беше поштедена. Во една ваква констелација, европската интеграција како мировен проект, но, и како проект кој обезбедува демократија и просперитет на општествата, добива на дополнително значење, посебно во нашиот регион, каде се уште постојат тензии и ретроградни тенденции, чиј што деструктивен потенцијал не смее да биде занемарен.

Тргнувајќи од еден ваков исклучително неповолен меѓународен контекст, процесот на реформи внатре во државата има двојно значење, со оглед на фактот дека натамошната демократизација, значи дополнителен влог во градењето на постабилна држава со функционални институции.

Сега, дозволете, поблиску да се осврнам на темата на денешната конференција. Општиот впечаток меѓу нашите граѓани, за жал е дека дел од преземените реформи или не се одржливи на долг рок или го немаат потребниот степен на директно, позитивно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните. Ова особено се однесува на бројните промени и најави за промени во сферата на владеењето на правото. Од првите поголеми реформи во оваа сфера во 2005-та, поминаа повеќе од 15 години, а довербата на граѓаните во судството и воопшто во функционалноста на нашата правна држава е на рекордно ниско ниво.

Сведоци сме дека недостатокот на правна сигурност и чувството дека партиската и етничката припадност се поважни од знаењето и вештините кои ги поседувате се меѓу главните причини за емиграција на голем број на млади луѓе. При тоа, емигрираат и лица, дел од оние кои се добро етаблирани во општеството со изградени кариери и солиден животен стандард за наши услови. За нив, се разбира, и за сите останати, функционалната правна држава е прашање на квалитетот на животот. Во таа смисла, не е случајно дека токму владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата се вбројуваат во кластерот на „основни прашања“, односно на фундаменталните вредности во процесот на пристап кон Европската Унија.

Сметам дека доколку ги оставиме, а мора да ги оставиме настрана историските прашања на кои не им е местото во пристапниот процес, токму на оваа тема ќе биде нашата најголема предност или нашиот најголем недостаток, зависно од начинот на кој, во преговорите, ќе му пристапиме на овој сет на прашања. Во оваа прилика сакам, накратко, да се задржам на главните правци кон кои сметам дека треба да се движиме во исполнувањето на овие обврски, пред се, кон нашите граѓани, дури потоа кон Брисел.

Прво, политичката волја за владеење на правото не смее да биде само декларативна, туку реална и присутна и во фазата на примена на законите, а, не само при нивното усвојување во Парламентот. Промената на законодавството е само еден, нужен, но, недоволен чекор за реални промени во нашите животи. Клучна е неселективната примена на законите и доследно почитување на независноста на институциите во оваа област, од страна на нас политичарите.

Второ, во фокусот, на почетокот и на крајот на секоја реформа во правосудството треба да бидат луѓето кои работат во овие институции. Да бидам попрецизен: нам ни е потребно многу поквалитетно правничко образование на универзитетско ниво од тоа што сега го имаме, во смисла на комбинирање на теоријата и праксата во едукацијата на идните правници. Потоа, потребна е доследна примена на критериумите при регрутација на слушателите во Академијата за судии и јавни обвинители бидејќи оттаму се регрутираат идните судии и обвинители. Исто така, исклучително е важен начинот на кој се оценува работата на судиите и обвинителите и се одлучува за нивната евентуална одговорност.

Во тој дел нам ни е потребен целосно функционален и професионален Судски совет и Совет на јавни обвинители. Секое основано сомнение за работата на членовите на овие тела претставува голем хендикеп не само за инволвираните поединци, туку и за целиот правосуден систем бидејќи токму тие се надлежни за професионалниот квалитет и интегритет на луѓето во правосудниот сектор.

Трето, треба да ја поддржиме, без резерва, работата на Државната комисија за спречувањето на корупцијата. Не само што таа институција е една од малкуте чијашто работа е позитивно оценета во извештаите за напредокот кон Европската Унија, туку и затоа што преку нејзината ефикасна работа политичарите ќе покажат на дело дека декларативните заложби имаат и практични последици, дури и во случаи кога нивните интереси, интересите на нивни сопартијци или нивни блиски ќе бидат засегнати.

Четврто, реформите во сферата на правната држава треба секогаш да бидат резултат на широк политички, но, не помалку важно, експертски и општествен консензус. Законите во оваа сфера треба да бидат поддржани од сите значајни политички фактори, а во нивната изработка да бидат вклучени експертите и граѓанските организации, како и експерти од државите-членки на Европската Унија. Подготвеноста за асистенција од страна на нашите партнери од ЕУ и државите членки никогаш не била спорна, наше е колку и на кој начин ќе ја искористиме таа понуда. Со други зборови, во реформите во оваа сфера клучен треба да биде консензусот, а не надгласувањето.

Почитувани,

Колку брз ќе биде процесот на нашата интеграција во Европската Унија зависи и од Брисел, и од државите-членки, но, најмногу од нас. Реформите не ги правиме за да ги задоволиме европските бирократи, туку, фундаментално да го промениме нашето општество и работата на нашите институции од кои нашите граѓани не се задоволни во висок процент. Тоа значи дека фокусот не треба да биде на техничко исполнување на критериумите за членство, туку на квалитетот на процесот. Друг начин за реформите да бидат одржливи и за сопирање на негативните трендови со кои се соочуваме во областа на владеење на правото – не постои. Само со излегување од комфорната зона на политички декларации, процесот на пристапување кон Европската Унија ќе ја има трансформативната моќ која ни е повеќе од потребна.