Скопје е со колабиран јавен превоз откако и вториот приватен превозник „Слобода превоз“ не вози затоа што не му се исплатени долговите од град Скопје, пишува 24инфо.мк.
Во петокот од ова претпријатие протестираа и пред базата на ЈСП, откако градоначалничката Данела Арсовска ги игнорира и не ги прима на средба.
Очигледно е дека Арсовска нема намера да им даде денар на приватните превозници кои дополнително ги обвини и дека нелегално наплаќале билети од патниците.
Но факт е дека Скопје не може да се потпре само на флотата на ЈСП, затоа што ова претпријатие нема доволно автобуси да го одржува нормалниот возен ред на сите линии, особено што голем дел од приградските линии се опслужувани единствено од автобуси од приватните превозници.
Дел од приватните превозници тврдат дека Арсовска била во процес на склучување на тендер со компанија од соседството која треба да ги замени приватните превозници но никој не дава подетални информации.
Друг дел од превозниците сметаат дека Владата, по примерот на парното греење, ќе го презеде и менаџирањето со јавниот превоз, а причината за ваквите гласини ја темелат на средбата на премиерот Ковачевски со градоначалничката Арсовска и градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски.
Останува да се види дали и како Арсовска ќе успее да го реши овој проблем и Скопје конечно да добие нормален јавен превоз.
И додека во јавноста се нижат шпекулации, граѓаните пет дена мака мачат да стигнат до своите работни места или училишта. Постојките и автобусите се преполни, возниот ред доцни, а реконструкцијата на некои фреквентни улици, дополнително го отежнува движењето низ градот, пишува 24инфо.мк.