23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

Од 1 декември ЕСМ Продажба ќе обезбедува поевтина електрична енергија за стратешки субјекти во државата

518 училишта, производители на храна и водостопанства се пријавија за снабдување со електрична енергија со пониски цени преку „ЕСМ Продажба“.

Од вкупно основни и средни јавни училишта во државата, се пријавиле 233, од 70 јавни претпријатија од областа на водостопанство се пријавиле 50 и од категоријата на физички и правни лица регистрирани во прехранбениот сектор, се пријавиле 235 субјекти.

На прес-конференцијата премиерот Ковачевски потсети на ветувањето на Владата на Република Северна Македонија дека никој нема да биде оставен сам да се справува со последиците од кризата оваа зима и дека институциите посветено работат на изнаоѓање на решенија.

„На седница на Влада пред неколку недели, беа донесени неколку важни одлуки со кои се обезбеди евтина струја за неколку категории корисници за непречено функционирање на виталните институции и во услови на ваква голема енергетска криза.

Крајното влијание од оваа мерка ќе е стабилизирање и намалувањето на цените на финалните производи со кое веќе и се намалуваат во дел од индустриите.
Ние досега на повеќе пати покажавме дека со тој одговорен пристап изминатиов период успеавме да ги вратиме парите назад кај граѓаните кога е тоа најмногу потребно. Со истиот овој одговорен пристап работиме и на обезбедување инвестиции, бидејќи во овие тешки времиња, најдобриот начин на кој можеме да се избориме со кризата е во Северна Македонија да отвориме и обезбедиме што е можно повеќе работни места за нашите граѓани. Најдобриот начин како да се избориме со високите трошоци за живот е да донесеме подобро платени работни места во индустриите на иднината, кои се поддржани од оваа Влада“, порача премиерот Ковачевски.

Министерството за економија уште од почетокот на енергетската криза е во редовна комуникација со бизнис секторот и особено со делот од прехранбената индустрија, рече министерот за економија, Крешник Бектеши.

„Кај некои производители увозната компонента на храната има повисоко учество при формирање на цената, кај други пак е електричната енергија.
Кај оние што е електричната енергија веќе се прават нови пресметки на цените според реална состојба на трошок, а не според futures цената на електрична енергија.
Кај нив побрзо може да се очекува корекција односно намалување на цените.

Од 1-ви декември оваа година треба да ги видиме првичните резултати на пазарот на коригирани цени на основните прехранбени производи, а во следните четири месеци додека трае кризната состојба очекувам врз основа на постојани пресметки на трошоците од увозните цени на храна и субвенционирани цени на електричната енергија, како и берзанските цени кои веќе се во мирување, да продолжи намалувањето на цените на реална основа во интерес на потрошувачите. Намалувањето за 10% е реално да очекуваме“ изјави министерот Бектеши.

Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски информираше дека преку „ЕСМ Продажба“ по само неколку дена од добивањето на одлуката и задолжението од Владата за снабдување на одредени категории на потрошувачи, компанијата го подготви и спроведе целиот процес.

„Списокот е пратен до „ЕВН Дистрибуција“ за и од нивна страна да се спроведат неопходните процедури, се со цел од 1-ви декември да почнат да добиваат електрична енергија по цена од 95e/MW за училиштата и за водостопанствата и 80e/MWh стопанските субјекти од прехранбената индустрија по шифра опфатена во владината одлука.

Засега, немаме податок колку ќе биде вкупната количина електрична енергија која АД ЕСМ преку „ЕСМ Продажба“ ќе треба да ја обезбеди за трите категории потрошувачи, за чие субвенционирано снабдување како компанија сме задолжени од Владата. Тие пресметки сега се прават и ќе се изготват и во соработка со „ЕВН Електродистрибуција“ по што ќе имаме јасна слика за дополнителното снабдување. АД ЕСМ ќе ги вложи сите напори да го зголеми своето производство“, изјави директорот Ковачевски.