23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Широк Сокак во Битола, македонскиот архитектонски бисер, пропаѓа со стареењето

Најпознатата и најубавата амбиентална улица во Битола, во државата и пошироко на Балканот, битолски Широк Сокак, полека старее и се руинира иако е ставена под заштита на државата како културно наследство. Заедно со велелепните градби на Широк Сокак пропаѓаат и неколку десетици други објекти кои се во централното градско јадро, старите конзулати, објекти покрај реката Драгор, а да не зборуваме за голем број разурнати и оштетени дуќани во Старата битолската чаршија.

Во бројки кажано, 136 објекти во Битола се ставени под заштита на државата, а нивната состојба е сѐ поочајна. За нив сѐ помалку се грижат приватните сопственици, а рака не подава ни државата.

Битолчани од секогаш велат дека привилегија е да се има куќа и дуќан на Широк Сокак, а уште повеќе да се живееш во срцето на градот.

Но, за жал, прошетката низ Битола, особено по корзото и крај старите архитектонски бисери, вознемирува и разочарува, оти како поминуваат годините, објектите сѐ повеќе, а впечатокот е дека работите се оставени на стихијата.

Дел од куќите заштитени со закон се на државата, но повеќето се во приватна сопственост. Но, на прсти се бројат сопствениците кои вложуваат во обнова и одржување на објектите прогласени за културно наследство. Она што најмногу боди очи, како канцерогено ткиво, е објектот на киното „Македонија“, за чие реновирање се чека повеќе од две и пол децении. Грдотијата и руината се покриваат со рекламни плакати.

Во времето кога премиер во државата беше Љупчо Георгиевски (1998-2002) на Широк Сокак се обновија многу фасади, проектот продолжи и неколку години подоцна, а од тогаш досега сликата за шетачката зона се менува на полошо.

Ако тргнеме од долниот дел на Широк Сокак нагоре, од Офицерскиот дом кој се обнови и лани се пушти во употреба, со средства од европските фондови и Општина Битола, малку се објекти во приватна сопственост што се реконструирани и им е продолжен векот. Една од куќите која последно се реконструираше е поранешниот дом на битолската фамилија Хололчеви. Куќата е комплетно реновирана откако ја купи познат битолски бизнисмен и служи за комерцијални цели. Фасадата на куќата од Хололчеви сега го „грее“ Широк Сокак и е убав пример за епитетот на конзулска и космополитска Битола.

Една од куќите која последно се реконструираше е поранешниот дом на битолската фамилија Хололчеви. Куќата е реновирана откако ја купи познат битолски бизнисмен (Фото: А Блажевска)
Само малку погоре, пред 15 години, од страна на сопственикот обновен е и објектот познат како „Клуб за офицери“, во кој е сместен турскиот бренд за облека „Ваикики“. Пред речиси дваесетина години се обнови и куќата до новоизграденото Кино „Манаки“, а малку погоре и прекрасниот објект кој битолчани го препознаваат како домот на Елени Каринте, љубовта на Кемал Ататурк.

Јован Шундовски од агенцијата за посредување, купопродажба и изнајмување на недвижен имот „Аrini Fashion“, досега бил ангажиран во обновата на два објекти на Широк Сокак, а веќе најавува дека се подготвуваат документите и дозволите за реконструкција на еден од најубавите објекти на плоштадот „Магнолија“, познат како „Алхамбра“, каде се снимаше и филмот на Столе Попов „До балчак“.

Вината за пропаѓањето на голем дел на објектите на Широк Сокак Шундовски најпрво ја лоцира во приватните сопственици, а и во индолентниот однос на државните институции кои стопанисуваа со дел од нив.

„Процедурата за обнова на објект на Широк е посложена поради бројните дозволи што треба да се извадат како од ржавните институции така и од Општината. Тука се значајни и факторот време, како и факторот средства. Но, нашиот народ не рекол попусто – Не можеш да имаш куќа на Широк Сокак и да ја оставаш да пропаѓа! Сепак, тука вината за запуштеност ја лоцирам пред се’ кај сопствениците, затоа што средствата за одржување на фасадите се минорни во споредба со овие капитални и неповторливи градби. Широк Сокак е лицето на градот и треба да се менуваат некои закони за да не се дозволи да пропаднат овие објекти. Но, за жал засега нема пропишани услови, правила, со кои државата треба да ги задолжи сопствениците како треба да го одржуваат објектот“, смета Шундовски.

Дел од дуќанџиите на Широк Сокак забележуваат дека плаќаат висока кирија за дуќаните, но сопствениците на објектите не вложуваат ни за една шајка.

„Жално е што пропаѓаат куќите, сите што сме на оваа улица плаќаме многу високи кирии, од 800 евра, па сѐ до 3.500 евра. Пред короната плаќав 1.300, сега 1.100 евра. Но, како што гледате сѐ во дуќанот е старо. Фасадата оштетена, олуците течат, влагата полека нагризува. А за внатре да не зборувам, душемето пропаѓа, излозите накривени, скалите изедени. Сопствениците ниту вложуваат, ниту ги интересира за објектот. Битни им се банкарските сметки. Чекаат од државата да им ги одржува нивните приватни куќи, само затоа што биле на Широк Сокак. Ова никаде го нема. Одговорност нема, а исто е и со дуќаните кои се на државата, и тие не се заштитени. Ништо не е вечно, па ни овие градби“, реагира дуќанџија на Широк Сокак.

Млад битолчанец, чие пошироко семејство е сопственик на објект на Широк Сокак, иако се согласува дека грижата за објектите е на сопствениците, сепак вели дека најчесто сопственичките односи се комплицирани, еден објект има по неколку газди, па тешко е да се најде заеднички јазик. Па дел од сопствениците претпочитаа да ги продадат објектите, отколку да се грижат за нив.

Извесен период неколку објекти што се заштитени како културно наследство се на продажба. Куќа на три ката со корисна површина од 335 м2 се продава за 685 илјади евра, или околу 2.000 евра од м2. Цената за продажба на дуќаните е двојно повисока и зависи од зоната. Најскапи објекти се оние од плоштадот „Магнолија“ до хотелот „Епинал“.

Најголем дел од сочуваните објекти во Битола кои се ставени под заштита се од исламскиот период, најстарите од 15-16 век, додека пак објектите на Широк Сокак се најбројни од крајот на 19. век и почетокот на 20. век. Нивниот лик се менувал со текот на времето, почнувајќи од Првата светска војна, па сѐ до денес.

„Во Битола имаме многу повеќе објекти од староградска архитектура, традиционална европска архитектура од кој било друг град во државата, па и од Охрид. Битола е позната по својата профана архитектура и покрај тоа што тука поминуваше линијата на Солунскиот фронт и за време на Првата светска војна најголем дел од објектите беа разурнати тие повторно се изградиле и обновиле. Со своите карактеристики, квалитативни, естетски, уметнички, архитектонски, заслужуваат да бидат споменици на културата, со поединечни решенија како културно наследство. Во таа насока, се изготви и Законот за Старото градско јадро на Битола, со цел да се заштитат овие објекти. Се категоризира како споменична целина и опфати поголемиот број од урбаните комплекси од тие значајни објекти“, изјави за „Независен“, Зоран Алтипармаков, архитект, советник конзерватор во Завод и Музеј Битола.

Алтипармаков смета дека она што е потребно да се испочитува како што стои во законот при обновата да се задржи ликот на објектот, односно фасадите, кои го формираат амбиентот. При тоа се овозможува преземање мерки, до степен на реконструкција на објектите, со кои се обезбедува да се задоволат оптимално барањата и потребите на инвеститорот, со единствена цел да се зачувуваат постојните квалитативни вредности и да се спроведува понатамошната заштита и ревитализација.

„За обнова на објектите заштитени со закон, треба само желба и средства без оглед дали сопственоста е во приватни раце или кај државата. Секој сопственик има законска обврска да ги одржува објектите. Оние што не ги одржуваат објектите треба да подлежат на одредени мерки од страна на државата, но засега таа не казнува. Тежнееме кон Европската унија, а таму ако објект што е прогласен за културно наследство не го одржувате, тогаш државата има право да ви го одземе и да се грижи за него. Кај нас, сопствениците сметаа дека државата треба да вложува во нивните приватни објекти и да ги одржува, а тие да располагаат со нив“, наведува Алтипармаков.

Според него, законите мора итно да се подобрат и усогласат, со цел за да го зачуваме нашето вредно културно наследство. „Ако ги оставиме работите во рацете на сопствениците кои чекаат државата да им ги одржува нивните приватни објекти, од фасада до водовод и канализација, ќе ни се случи пустош како по руралните средини“, предупредува Алтипармаков.

Во очајна состојба, за која многупати пишуваа медиумите, се и објектите на некогашните конзулати во Битола. И тие во најголем дел се во сопственост на приватни лица.

Едноставно кажано, овие куќи кои некогаш беа гордост за градот, сега се срам за Битола.

Конкретно објектот на некогашниот Британски конзулат, како и објектот на Францускиот конзулат се заштитени со поединечни решенија, додека пак објектот на Српскиот конзулат, нема такво решение. Во 2001 година е конзервирана и реставрирана фасадата на Францускиот конзулат, додека пак на другите објекти нема никакви потфати за нивна обнова.

Така Битола полека го менува ликот, па сјајот на архитектонските бисери од неокласицизмот и необарокот ќе останат само на разгледниците за некогашната конзулска Битола.

А. Блажевска / Независен.мк