24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Тим Европа: ЕИБ Глобално обезбедува 50 милиони евра за интегрирани општински водоводни и санитарни услуги во Северна Македонија

Потпретседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Лилјана Павлова, ја посети Северна Македонија за да ја потврди континуираната посветеност на банката за поддршка на одржливиот раст на земјата преку инвестиции во витална инфраструктура и блиска соработка со локалните партнери. По тој повод, банката на ЕУ потпиша инвестиција од 50 милиони евра за рехабилитација и изградба на инфраструктура за водоснабдување, отпадни води и за заштита од поплави, отворена за 80 општини низ државата. Овие активности ќе придонесат за подобрување на покриеноста, квалитетот и климатската отпорност на услугите за водоснабдување и санитарните услуги, истовремено заштитувајќи ги јавното здравје и животната средина. Проектот ќе донесе придобивки за околу 700.000 луѓе, ќе помогне да се создадат нови економски можности и да се зајакне отпорноста на климатските промени за околу 40 % од населението во земјата.

Избраните општини ќе можат да ги искористат средствата за модернизација и изградба на инфраструктура за водоводна и отпадна вода, дистрибутивни и колекторски мрежи, како и итни мерки за заштита од поплави. Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија ќе ја спроведе програмата за општински инвестиции во вода со техничка поддршка од ЕИБ во износ од 1,2 милиони евра. Тоа произлегува од Иницијативата за јакнење на отпорноста на економијата, чија цел е мобилизирање дополнително финансирање за поддршка на растот, виталната инфраструктура и социјалната кохезија во Западен Балкан.

Лилјана Павлова, потпретседателката на ЕИБ, која е одговорна за операциите во Северна Македонија, изјави: „Ова е стратешка инвестиција за земјата со поддршка на Тим Европа и приоритет кога станува збор за обезбедување подобри услови за живеење на граѓаните, како и пат за пристапување во ЕУ и усогласување со стандардите на ЕУ. Таа ќе помогне да се затвори значителниот инвестициски јаз во секторот за вода и ќе им обезбеди на нашите локални партнери долгорочен извор на финансирање за да ги задоволат нивните потреби и цели за одржливост. Со подобрување на условите за животна средина и живот во земјата, средствата ќе создадат значителни социјални и економски придобивки и ќе ја зајакнат отпорноста на водната инфраструктура на климатските промени, што е важна цел за климатската банка на ЕУ“.

„Според договорот, кој ја покажува континуираната поддршка која ЕИБ ѝ ја дава на Северна Македонија, владата става на располагање 50 милиони евра како директна финансиска поддршка кои ќе бидат распределени на општините и општините во град Скопје како донација за реализација на проекти за комуналната инфраструктура. Проектот е дел од политиките на Владата на Република Северна Македонија за рамномерен регионален развој, при што се очекува да се стимулира развојот на општините преку инвестиции во комуналната инфраструктура“, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими. Тој додаде дека ова ќе придонесе и кон подобрување на условите за живот на граѓаните, особено во руралните средини, како и исполнување на стандардите на ЕУ.

„Министерството за животна средина и просторно планирање е подготвено да пристапи кон реализација на проектите утврдени како приоритети во општините. Од општините очекуваме подготвеност и зрелост за да се подготви потребната проектна документација за брза и успешна реализација и искористување на предвидените финансии. Брзата имплементација значи отворање нови можности за инвестирање“, потенцираше министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Инвестицијата е поддржана од Европскиот фонд за одржлив развој плус (EFSD+), кој е дел од финансиската рамка на ЕУ за земјите партнери за поддршка на јавната и приватната инфраструктура.

Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија Дејвид Гир   изјави: „Оваа нова инвестиција ќе и помогне на Северна Македонија да обезбеди одржливо управување со своите водни ресурси, особено преку развој и подобрување на системите за собирање и третман на отпадни води, снабдување со вода за пиење и функционирање на канализационата мрежа, како важна еколошка инфраструктура. Благодарение на пристапот на Тим Европа, оваа инвестиција претставува дополнителна финансиска поддршка на веќе обезбедените средства за инфраструктурни проекти преку Инструментот за претпристапна помош на ЕУ. Ваквите инвестиции треба да донесат практични придобивки за граѓаните како резултат на позелено, побезбедно и поздраво користење на водните ресурси во земјата.“