25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Воспоставен прв стратешки дијалог помеѓу Северна Македонија и Франција во областа на одбраната

Соработката помеѓу Северна Македонија и Франција, две земји сојузнички во НАТО-алијансата добива нов интензитет, особено по усогласувањето на новиот Договор за соработка кој неодамна во Париз го потпишаа министерката Славјанка Петровска и нејзиниот француски колега, министерот Себастијан Лекорну.

Како продолжение на воспоставената соработка, денеска во Министерството за одбрана почна првиот стратешки дијалог во одбраната меѓу Северна Македонија и Франција, кој се реализираше на состанокот на делегација од француското Министерство за одбрана со тим од македонското Министерство за одбрана.

Целта на стратешкиот дијалог е зајакнување на билатералната одбранбена соработка во заедничките обуки, мисии, во едукацијата и заемната поддршка во исполнувањето на НАТО-целите за способност.

Француската делегација предводена од вицеадмиралот Кристоф Лукас, заменик-генерален директор за меѓународни односи и стратегија во француското Министерство за одбрана, имаше средба со министерката за одбрана Петровска, на која беше изразено задоволство од воспоставувањето на стратешкиот дијалог во одбраната меѓу двете земји, како најдобар доказ за заемната одлучност договорената соработка ефективно да се спроведе во практика.

„Ова е почеток на нов период на соработка во одбраната меѓу Северна Македонија и Франција. Франција е наш значаен сојузник кој го поддржа членството на Северна Македонија во НАТО и ја дава својата поддршка за европската интеграција на земјата. Северна Македонија како членка на НАТО денеска придонесува за мирот и безбедноста на Балканот. Започнуваме стратешки дијалог кој ќе ја продлабочи соработката во одбраната со нашиот сојузник Франција со кој ги делиме истите вредности“, рече министерката Петровска.

Вицеадмиралот Лукас изрази задоволство од успешниот почеток на стратешкиот дијалог и го потенцираше знаењето на Северна Македонија како сојузник во НАТО кој дава активен придонес кон мирот и безбедноста.

На средбата на која присуствуваше и францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер, беше истакнато дека алијансата е обединета во осудата на руската инвазија врз Украина и во определбата НАТО да проектира стабилност, додека истовремено се зацврстува колективната безбедност.