Ние денес живееме вo свет кој e во една од најтешките кризи за храна и енергија по втората светска војна. Десет месеци ја предводам коалицијата проевропска Влада во тежок период. Сето мое 22 годишно менаџерско искуство во приватниот сектор, сето мое знаење во делот на финансиите и економијата го вградив во планот за спас на македонската економија и антикризните мерки, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на вечерашната трибина „Силно и одлучно кон иднината“ во Кичево.
– Работевме напорно, ден и ноќ и успеавме да реализираме најголеми антикризни мерки во регионот, вредни 760 милиони евра. Факт, потврден и од Светската банка. За мене ништо не е поважно од тоа да ја поминеме оваа зима заедно и да не оставиме никој зад себе. Да допреме до секое семејство во земјата во оваа тешка криза за сите нас. Уште во првите 100 дена од мандатот ја зголемивме минималната плата на 18.000 денари. За една година пензиите за сите 330.000 пензионери ги зголемиваме за 16%, рече Ковачевски.
Антикризните мерки вордија со плод, потенцираше Ковачевски, цените на храната веќе се намалуваат.
-Антикризните мерки вродија со плод, цените на храната почнаа да се намалуваат, и до 10% ќе се намалат цените на основните производи. Имаме храна и енергија доволно во тешки услови за целиот свет. Нашиот енергетски и топлински капацитет е безбеден за оваа зима, рече вечерва на трибината на СДСМ во Кичево претседателот Димитар Ковачевски.
– Така е кога се има соодветен план, кога се работи напорно и кога знаењето се преточува во реални политики за земјата и граѓаните. Многу поголеми и посилни земји, со посилни економии претрпеа далеку посериозни последици. Да не заборавиме што се случи во една Велика Британија, додаде претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.