23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЃЕКМАРКАЈ

Денес претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, имаше средба со потпретседателот на Собранието на Република Албанија, Агрон Ѓекмаркај. Претседателот изрази задоволство од средба со претставник на братска соседна земја со која не само што имаме одлични односи на секое поле, без отворени прашања, туку е и земја со која заедно сме изоделе долг пат на интегрирање во НАТО, а сега го поминуваме евроинтеграцискиот пат со сите предизвици што стојат на него. Потврда на добрите односи секако е и заедничката владина седница што се одржа на почетокот на неделава и која резултираше со над дваесет потпишани договори со кои се отвораат нови полиња на соработка. Го информираше Ѓермаркај за започнатиот скрининг со ЕУ и за потребните уставни измени кои треба да се направат за да може да се отворат кластерите.

Претседателот Џафери говореше и за актуелната глобална ситуација која секако не го исклучува и регионов и случајот со Полска секако наметнува претпазливост. Република Северна Македонија ги подржува разговорите помеѓу Белград и Приштина и ќе подржи секое решение кое ќе биде взаемно прифатено од двете страни.

На меѓународен план Република Северна Македонија е дел од Берлинскиот процес, дел од Отворен Балкан кој го надополнува Берлинскиот процес а Отворен Балкан ќе ги даде најдобрите резултати дури тогаш кога сите земји од регионот ќе бидат членки. Економската соработка секако има огромен удел во намалување на политичките тензии во регионот.

Потпретседателот Ѓекмаркај кој е универзитетски професор и во политиката е од неодамна, изрази огромна почит за придонесот на претседателот Џафери во мирот и политичката стабилност на Балканот. Посочи дека го радува интегрирањето на Албанците во политичкиот живот во земјава што е во прилог на релаксираните меѓуетнички односи и тоа дополнително ги зацврстува и така одличните односи меѓу двете земји.
Двајцата соговорници се согласија дека и во иднина, покрај на сите сфери од взаемен интерес, фокусот треба да биде на економските односи и дека идните генерации треба да ги следат и унапредат веќе воспоставените релации.