23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Дневен ред за 36. седница на Уставниот суд

Денеска во 9:30 часот Уставниот суд ќе ја одржи 36. седница со дневен ред на кој се закажани шест иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права.

1. Реферат У.бр.94/2024

Оспорен: Законот за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020), член 11 став 1 точка 6, член 15 став 5 во деловите: „како и предлог закон со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект,“ и „и предлог законот од овој член“, став 6 во делот: „и го утврдува текстот на предлог законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект“ и став 8 во делот: „по влегувањето во сила на законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект,“ и член 17 став 1 во делот: „ќе се издаваат во рокови утврдени со закон со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект.“ освен посебните одредби, оспорен е законот во целина.
Подносител: Здружение на граѓани „Ековита” од Неготино
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата, подносителот најпрво изнесува општ заклучок дека со оспорените одредби е предвидена реализацијата на стратешките проекти кои ќе се стекнат со овој статус согласно овој закон со посебен закон. Според подносителот ова е противуставно затоа што овластувањето за донесување на закони може да произлезе само од Уставот, но не и врз основа на закон и наведува дека е во спротивност со членот 8 од Уставот и владеењето на правото како една од темелните вредности. Подносителот смета дека оспорените делови од ставовите 6 и 8 од член 15 од Законот се спротивни и на член 71 став 1 од Уставот, според кој право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата на Република Северна Македонија и најмалку 10.000 избирачи. Според подносителот, од овие законски одредби произлегува дека единствено Владата може да биде предлагач на закон за реализација на стратешки инвестиции, додека, другите двајца овластени предлагачи на закони, утврдени со Уставот, се исклучуваат. Со овој Закон се фаворизираат одредени инвестиции наведува подносителот и дополнува дека не се во насока на зачувување на природата и животната средина, ниту во насока на заштита на здравјето на луѓето. Како пример за ова свое тврдење, подносителот наведува инвестиција од 350 милиони евра за горење на отпад од 48 општини која на ваков начин ќе стане монопол на пазарот.
2. Реферат У.бр.69/2022
Оспорен акт: Член 19 став 16 од Законот за административни службеници од („Службен весник на Република Македонија бр. 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 142/2016 и 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019, 14/2020, 215/2021и 99/2022).
Содржина на оспорениот член: „Против одлуката на Комисијата незадоволниот административен службеник може да поднесе тужба пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием.”
Подносител: Oливер Давидовски
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во поднесената иницијатива со оспорениот став 16 на член 19 од Законот за административни службеници не се дадени никакви други дополнителни материјални критериуми со помош на кои поблиску би било определено кој е тој „надлежен суд“ пред кого незадоволниот административен службеник може да поведе постапка, односно да поднесе тужба и да побара правна заштита.
Подносителот на иницијативата смета дека вака дефинираната законска одредба создава нејаснотија во практиката и остава можност за различно толкување на тоа кој суд е надлежен да постапува против одлуките на Агенцијата.
3. Реферат У.бр.78/2022
Оспорен: Член 219 став 2 од Колективниот договор на МВР („Службен весник на Република Север- на Македонија“ бр.149/2021)
Подносител: Синдикат на Полиција на Македонија од Велес
Содржина на оспорената одредба: Дисциплинската постапка може да се прекине, кога:
– работникот против кого е поведена дисциплинска постапка се разболел непосредно пред или додека трае дисциплинската постапка, што се докажува со отворено боледување од матичен лекар,
– комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност ќе одлучи да решава по некое претходно прашање или ќе побара од надлежен орган да и достави веродостојни исправи и информации за чие изготвување е потребно подолго време,
– постојат елементарни непогоди на подрачјето каде треба да се одржи расправа на комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност и
– работникот против кого се води дисциплинската постапка се наоѓа во притвор.
(2) Прекинот на постапката во случаите од ставот (1) алинеи 1 и 2 на овој член, може да трае најдолго една година. (оспорен став)
(3) Прекинот на постапката во случајот од ставот (1) алинеја 4 на овој член, трае до донесување на одлука за укинување на мерката притвор.
Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека во постапката за утврдување на дисциплинска одговорност има кратки рокови кои се преклузивни и не можат да се пролонгираат (пример, решението за изрекување на дисциплинска мерка министерот го донесува во рок од шест месеци од денот на пријавувањето на повредата на работниот ред и дисциплина, а најдоцна во рок од дванаесет месеци од денот кога е сторена повредата).

Ова образложение подносителот го темели на одговорот што го добиле од Министерството за внатрешни работи (Биро за јавна безбедност – Оддел за заеднички работи и управување со човечки ресурси), на нивното барање за прекин на постапките за утврдување на дисциплинска и материјална одговорност за време на траење на кризата Ковид – 19.

4.Реферат У.бр.190/2020

Оспорена одредба: Член 17 став 2 од Етичкиот кодекс за вработените во Министерството за надворешни работи и други лица што вршат работи во и за Министерството за надворешни работи, бр.01-5710/1 од 1 јули 2013 година, донесен од министерот за надворешни работи на Република Македонија.

Подносител: Синдикална организација „Македонски Дипломатски Синдикат“, преку претседателот Зоран Дабиќ.

Содржина на оспорената одредба: Член 17 став 2 гласи: „Вработениот не може да има настап во јавноста ако за тоа претходно не добил дозвола од министерот за надворешни работи.“

Oд наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека со член 17 став 2 од Етичкиот кодекс се прекршува член 16 став 2 од Уставот со кој „се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.“ Дополнително во иницијативата се наведува дека: „членот 17 став 2 од Етичкиот кодекс е противуставен и не смее да биде оставен на сила бидејќи доколку се стори истото, му се дозволува на Министерот за надворешни работи да дејствува надвор од правната рамка на државава и да се поставува над Уставот како суверен којшто дозволува или не, јавен настап и слобода на говор

5.Реферат У.бр.80/2021

Оспорена одредба: Одлука за донесување Детален урбанистички план Градска четврт J 07 локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара број 07-4414/4 од 18.07.2014 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, објавена во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје број 9/2014, во делот за КП 490/2, КП490, КП493, КП 496/3, КП 498, КП 502, сите на КО Центар 2, кои се наоѓаат на ул.Козара-Капиштец.

Подносител на иницијативата: Томе Симоновски

Oд наводите во иницијативата:

Во иницијативата и во дополнувањето на иницијативата, Советот на општина Центар на 23-та седница која e одржана на 18 јули 2014 година, ја донел оспорената одлука спротивно на член 62 став 2 од Законот за локална самоуправа и истата не е донесена со потребното мнозинство гласови предвидени во наведениот член од Законот. Имено, на седницата на Советот на која се постапувало по оспорената одлука биле присутни 12 членови од вкупно 23 членови на Советот на општина Центар-Скопје, при што „за” гласале 11 членови, а само 1 гласал „против”. Подносителот на иницијативата смета дека при донесувањето на оспорената одлука не се испочитувани одредбите од Законот за локалната самоуправа, бидејќи не е обезбеден елементарниот минимум од неопходни 12 гласови „за” колку што според Законот за локална самоуправа се потребни, за полноважно донесување на прописи, односно одлука за урбанистички план. Во иницијативата е наведено дека оспорената Одлука е во спротивност со член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија бидејќи владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок, која во конкретниот случај е повредена бидејќи Советот донел одлука без потребното мнозинство гласови.

6. Реферат У.бр.67/2022
Оспорени: Решение од 26.09.2012 година на Апелациониот суд Скопје;
– Пресуда од 28.12.2012 година на Основниот суд Кавадарци;
– Пресуда од 17.10.2013 година на Апелациониот суд Скопје; и
– Решение од 13.07.2014 година
Подносител: Орданчо Танчев
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека со гореспоменатите одлуки се повредени повеќе законски одредби, односно членот 112 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права кој гласи: „Правото на сопственост се стекнува според закон врз основа на правна работа и со наследување“. Се наведува дека е сторена повреда и на членот 136 од Законот за наследување според кој: „Правото да се бара оставината со тужба како наследник спрема држателот на оставината застарува за две години од денот кога наследникот дознал дека е донесено правосилно решение за наследување, а најдоцна десет години од денот кога решението за наследување станало правосилно. Правото да се бара оставина во секој случај застарува по протекот на 20 години од смртта на оставителот“.

II. БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:
Реферат У.бр.30/2021
Оспорени: Решение на Основниот суд во Кочани
Од наводите во барањето: Подносителот во својство на бранител на обвинет, присуствувал на рочиште за главна расправа пред Основниот суд во Кочани. Со Решение, Судот му изрекол парична казна од 1.000 евра во денарска противвредност од 61.500 денари. Против истото, подносителот вложил жалба до Кривичниот совет кој со Решение КС-КР бр.4/21 од 11.02.2021 година, ја одбил жалбата како неоснована, а Решението го потврдил.
Според подносителот, паричната казна му била изречена за наводно нарушување на редот во Судот при распит на оштетено дете во својство на сведок, со кревање на рака од негова страна за да добие збор, со што наводно бил прекинуван распитот на детето, бидејќи преземените дејствија според него не претставувале дејствија на нарушување на редот и дисциплината во текот на одржувањето на главната расправа, туку биле дејствија на одбраната како реакција на начинот на кој Судот раководел при распитот на детето. Во барањето се наведува дека изречената мерка за казнување на подносителот како бранител на обвинетиот е непропорционална, превисока и претставува прекумерно ограничување на слободата на изразувањето, спротивно на член 16 став 1 од Уставот и членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права.