25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

МКЦ е добитник на наградата 13 Ноември

ЈУ Младински културен центар е добитник на наградата “13 Ноември” на Град Скопје за особени достигнувања во културата, во линија и на својот овогодишен, 50 јубилеј од постоењето.

Со тоа, ЈУ Младински културен центар како институција која со својата посветена работа, ентузијазам, напредно програмско делување и неуморност успева да биде препознаена како клучна институција во развојот на културата во својот град.

“Наградата “13 Ноември” силно ја валидира нашата работа и секако нашата меѓународна позиција како важен чинител во домашната и европска сцена. МКЦ со нескриена гордост ја прими ова награда, најважна за нас, бидејќи го сакаме градот и се што правиме е во насока да овозможиме да се развива и негува живата култура. Клучот на Градот доаѓа во вистински момент за нас, за нашата публика, во моменти кога ни е потребен малку ветер во нашите едра”- изјави Ванчо Богоев, директор на институцијата кој повеќе од 35 години е дел од МКЦ.

Од активностите кои следат, се уште е во тек 47 издание на Меѓународниот театарски фестивал МОТ кој се затвора на 19 ноември, додека по него следи првото издание на ротирачкиот фестивал LIVEUROPE кој МКЦ за прв пат ќе го организира, како рамноправен член на оваа престижна мрежа на европски концертни сали.

Во подготовка е и големата прослава по повод 50 годишниот јубилеј, закажана за 28 декември 2022, денот кога МКЦ за прв пат ги отворило своите врати во далечната 1972 година. За тој ден се подготвува богата и изненадувчка музичка програма, перформанси, ликовна изложба и други активности со кои ќе се заокружи јубилејот 50 години МКЦ.