25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Одржан состанок на регионалните тела за медиуми

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по повод 25 годишнината од своето формирање, денес и утре е домаќин на регионален состанок на регулаторни тела за медиуми. На состанокот учествуваат претставници на регулаторните тела од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Бугарија.

Како што истакна директорот д-р Зоран Трајчевски на отворањето „четврт век постоење е доволен показател за доброто и успешно работење на македонскиот регулатор за медиуми во поттикнување на слободата на изразување и медиумската писменост, заштита и развој на плурализмот, спречување на недозволена медиумска концентрација, заштита на малолетните лица, заштита на националните, но и интересите на граѓаните во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги“.
Со видео порака на настанот се обрати и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој ги поздрави напорите на Агенцијата за продлабочување на регионалната соработка за размена на искуства со земјите од регионот – со земјите кои се веќе членки на ЕУ и ги имаат усогласено своите национални законодавства, со земјите кои преговараат за членство, како и со земјите кои имаат такви аспирации, а сѐ уште не ги започнале преговорите.

Поздравен говор одржа и амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир коj ја потенцираше важноста на медиумската регулација и улогата на регулаторот во тој процес. Тој истакна дека за непречено функционирање на регулаторите неопходно е тие да бидат политички и финансиски независни. Размената на добри практики и искуства е од исклучителна значење, особено сега кога се почнати билатералните скрининзи на земјава со Европската Унија.

На една од сесиите на која во улога на модератор беше членот на Советот на АВМУ Зоран Фиданоски, беа споделени искуства за процедурите за назначување и разрешување на раководните органи и како да се зачува независноста на регулаторите во времиња полни со предизвици од различни општествени сфери.

Заменикот на претседателот на Советот на АВМУ Селвер Ајдини, во сесијата посветена на ресурси, надлежности и овластувања за ефикасно спроведување на функциите, посочи дека соодветните и стабилни финансиски, но и човечки ресурси се клучните елементи за непреченото, ефикасно и независно работење на регулаторите.

Претставниците на регулаторните тела дискутираа и за новото медиумско опкружување и за важноста на меѓусебната соработка во справување со легислативните и предизвиците наметнати од технолошкиот развој во аудиовизуелната област.