Портпаролот Арсовски на прес-конференцијата информираше дека повеќе авиокомпании пројавија интерес за поддршка, по усвоената програма за финансиска поддршка со која се поттикнува развој на воздушниот сообраќај за периодот од три години почнувајќи од 2023 година.
Со јавниот повик што ќе биде распишан во наредниот период, како што истакна, е овозможено повеќе од една компанија да ги користи средствата што треба да донесе повеќе нови дестинации за нашите граѓани по поволни цени.
Донесена е и Уредба за начинот и критериумите за доделување финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници и потребната документација којашто треба да се достави од страна на корисниците на финансиската поддршка.
Како што беше информирано, според првичниот интерес, Владата очекува авиосообраќајот веќе наредната година да го достигне и надмине бројот од 2,7 милиони превезени патници од пред пандемијата, во рекордната 2019.
Дополнително, патувањата до нови одредишта во Европа и во светот очекуваме да донесат можности за натамошен економски развој, унапредување на туризмот и запознавање и соработка помеѓу граѓаните и бизнис секторот од нашата држава и од други држави.
На новинарско прашање за блокадите од опозицијата на кредитот од ЕБРД од 100 милиони евра, соработникот Андонов истакна дека како што претходно беше објавено, роковите се наоѓаат во стратешките документи донесени во текот на 2019-та година, поточно стратегијата за развој на енергетиката која разгледува три сценарија. Андонов информираше дека овие документи се подготвени пред почетокот на енергетската криза и тие согласно постојната законска регулатива имаат обврска да се менуваат. Националниот план за енергија и клима се менува на секои две години, а стратегијата за развој на енергетика се менува на секои пет години, односно наредната година ќе се работи на нејзина измената. Андонов истакна дека конкретно законот со кој се предвидува добивање на поволен кредит од 100 милиони евра за ликвидноста на ЕСМ, има акционен план во кој се преземени роковите од овие планови кои биле и претходно објавени транспарентно. Доколку роковите во овие планови кои се донесени се изменат, тоа значи тој план ќе се измени во согласност со тие предвидени нови рокови. За истото министерот за економија има испратено допис до пратениците и до Собранието дека во текот на наредната година ќе се работат измените на овие два документа во кои сигурно ќе има поместување на дел од роковите имајќи ја предвид тековната енергетска криза.
На прашањето како Владата ги коментира случувањата во „М–НАВ“ по медиумските објави за оставки и оспорувањето на конкурсот за контролори на летање и дали ќе бидат преземени соодветни мерки со оглед на сензитивноста на областа во поглед на безбедноста на сообраќајот, портпаролите информираа дека „М-НАВ“ е институција што има свои тела за менаџирање, начин на одлучување и сопствен буџет. Портпаролите истакнаа дека според информациите што ги има Владата, постапката за избор на кандидати за обука на контролори се’ уште e во тек, и дека согласно меѓународните стандарди „М-НАВ“ е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на „Еуроконтрол“ и на меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на кој што е членка.