22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Обезбедуваме поволна бизнис клима и можност за брза енергетска трансформација на земјата

Премиерот Димитар Ковачевски, во придружба на министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и градоначалникот Костадин Костадинов, денеска во Струмица го посети производствениот погон на компанијата МАКС. При посетата премиерот Ковачевски разговараше со менаџерскиот тим и вработените во врска со искористувањето на успешните владини мерки и политики за стопанството.

Во продолжение е целата изјава на премиерот Ковачевски.

„Убаво е чувството кога ќе се види домашна компанија која вложува максимални напори да биде меѓу најдобрите во Република Северна Македонија. Уште поубаво е чувството кога ќе се видат имплементирани најновите светски технологии и стручен кадар во производствениот процес.

Денеска имав можност да ја посетам компанијата МАКС овде во Струмица и навистина сум импресиониран од нивното работење. Она што посебно ме воодушеви е дека оваа компанија пред 30 година почнала да работи само со еден вработен, а денеска брои 165 вработени, ги следи и применува сите најнови стандарди и обезбедува добро платени работни места. Ова е доказ дека кога се има визија за развој, не постојат граници за исполнување на зацртаните цели, но и доказ за успешно менаџирање на бизнисот, посветена и тимска работа.

Секако дека и ние како држава со носење на политики во интерес и на граѓаните и на компаниите овозможуваме поволна бизнис клима во земјава. Како проевропска Влада ветивме дека ќе ги поддржиме малите и средни претпријатија, со директна државна финансиска помош и со низата мерки, тоа го правиме, на дело.

Во услови на тешка економска и енергетска криза промовираме добро платени работни места, создаваме услови за нови инвестиции, ги враќаме парите кај граѓаните и обезбедуваме ликвидност на компаниите кога е најмногу потребно, како што тоа е случај со компанијата МАКС.

Оваа компанија речиси за сите 165 вработени обезбедува континуиран раст на платите, благодарение на мерката од државата за субвенционирање на придонесите за раст на платите која ја користи во континуитет веќе неколку години.

Компанија е и меѓу првите кои уште пред неколку години инвестираше во фотоволтаици за сопствено производство, но и сопствени финасии, што е навистина за поздравување.

Од страна на менаџерскиот тим бев информиран дека постојано ги зголемуваат инвестициите во нови панели и со тоа сега имаат инсталирана моќност од 1.350 киловат часови електрична енергија, што во услови на енергетска криза им обезбедува поевтина струја која ја користат во производствениот процес.

Оваа позитивна пракса треба да биде поттик и за останатите компании во земјава да го следат примерот и да вложуваат во обновливи извори на енергија за сопствени цели.

Законските измени за олеснување на процедурата за поставување фотоволтаици се веќе во сила, со што комплетно е поедноставена и олеснета процедурата, нема повеќе непотребна бирократија и постапката која претходно траеше и до еден месец, сега е сведена на само еден ден.

Секако крајната цел е сите заеднички да придонесеме за побрза имплементација на трансформацијата кон зелена енергија на Република Северна Македонија и да ја намалиме зависноста од увоз на електрична енергија.

А, енергетската трансформација во земјата е започната.

Инвестициите во енергетиката на кои сме сериозно посветени бидејќи се покажаа како клучни во справувањето со кризата на краток, среден и долг рок.

Започнува фазата на градба на 100 мегавати сончева електрана во Осломеј. Како инвестиции кои се пред нас се и голема фотонапонска електрана Стипион од 400 мегавати, со развој на агрикултура од реноминараната француска компанија АКУО, понатаму изградбата на голема ветерна електрана Вирови, од реномираната германска компанија WPD.

Потпишани се договори за премиуми за изградба на 130 мегавати фотонапонски електрани. Во следниот период ќе почне и пуштање со работа на најголемата 25 мегавати ветерна централа во Свети Николе. Се очекува до крајот на 2023 година во системот да се вклучат помеѓу 200 и 300 мегавати сончеви електрани.

По 30 години, очекуваме конечно да започне реализацијата на проектот ХЕЦ Чебрен. Проектот е со проценета инвестиција од 800 милиони евра.

Инвестициите во енергетика се нашиот влог во иднината.

А денес, сега, во услови на економско-енергетска криза, даваме се од себе за никој да не остане сам да се справува со кризата. Само во 2022 година, обезбедивме два пакета антикризни мерки во вкупна вредност од над 760 милиони евра. Пакети кои според Светската банка е најголемиот пакет за поддршка во регионот наменет за граѓаните за поддршка за справување со енергетската криза.

Покрај субвенционирањето на струјата со 80 проценти за домаќинствата и малите потрошувачи, зголемувањето на минималната и просечната плата и пензиите грижата за најранливите категории граѓани и пензионерите со државна помош меѓу 3.000 и 6.000 денари, обезбедуваме и поевтина струја со крајна цел намалување на цените на основните прехранбени производи и непречено функционирање на виталните институции.

Поевтина струја од 80 евра по мегават/час обезбедуваме за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Со оваа одлука цените на основните прехранбени производи, лебот, брашното, млекото и млечните производи, маслото за јадење, месото и живината, пекарски производи, месната и живинарската индустрија ќе се стабилизираат. Веќе беше јавно соопштено од производителите на основни производи дека со ваква одлука цените би требало да се намалат за најмалку 10%.

Овде во Струмица, но и низ цела држава основните и средните јавни училишта ќе добијат поевтина електрична енергија по цена од 95 евра по мегават/час.

Поевтина струја е обезбедена и за јавните претпријатија од областа на водоснабдување и одведување на отпадни води. Тие ќе плаќаат цена од 95 евра за мегават час.

Секојдневно го кажувам и овде од Струмица ќе повторам. Како сериозна, проевропска Влада силно сме фокусирани, во една од најтешките зими пред нас, граѓаните да имаат достапна храна, да имаат струја и компаниите да работат.

Продолжуваме со грижата за секого, евроинтеграциски политики кои ни носат стабилност и прогрес, но и подобра иднина за сегашните и идните генерации. Секако на овој пат не сме сами. Имаме силна поддршка од земјите членки на ЕУ, а доказ за тоа е најавениот грант од 80 милиони евра, што Република Северна Македонија ќе го добие од ЕУ како поддршка на државниот буџет.

На менаџментот и на вработените во компанијата МАКС им посакувам уште многу успеси во постигнувањето на нивните цели и нови инвестиции со кои ќе ја развиваат компанијата, а со тоа и ќе го поттикнуваат економскиот раст и развој на државата“, рече премиерот Ковачевски.