Делегација од Европската команда на армијата на САД, денеска ја посети ЈЗУ Клиника за Хематологија, каде интензивно се гради вториот кат, со средства од програмата за помош Европска команда на Американска војска, обезбедени преку амбасадата на САД во нашата земја во висина од милион долари. Оваа сума е наменета за проширување на капацитетите за хоспитализација, односно надградба на уште еден спрат.
Новиот капацитет, заедно со воспоставените најсовремени методи за лекување и медицинска грижа, нудат можност клиниката да му служи не само на македонскиот јавен здравствен систем, туку истовремено го етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување на хематолошки болести во поширокиот регион.
Оваа инвестиција е огромно олеснување за секојдневното просторно функционирање на Клиниката и на пациентите, ако се земе предвид фактот дека искористеноста на стационарот во последните неколку години е повеќе од сто отсто и секојдневно се бара кревет повеќе. Благодарение на донацијата од САД, на Хематологија годишно ќе се примаат 70 нови пациенти со малигни болести за кои досега немаше место.
Финансиската помош е признание на САД за потенцијалот што го носи менаџерскиот и лекарскиот тим на ЈЗУ Клиника за Хематологија Скопје.
Директорката на Клиниката д-р Ирина Пановска Ставридис вели дека согласно динамичкиот план за реализација, новиот спрат да биде ставен во употреба за во јуни идната година.
“На новиот оддел, годишно ќе бидат лекувани најмалку 50 до 60 пациенти од нашата земја и 10 до 15 од соседните земји, кои досега не можевме да ги прифатиме заради немање просторни услови. Тоа се пациенти со малигни хематолошки болести, една од најранливите групи на пациенти. Клиниката за Хематологија сега е на мапата на светските и европските медицински центри за лекување на најтешките болести на крвта. Со оваа донација, Хематологија доби додадена вредност од техничка гледна точка, простор и опрема со која дополнително ќе се подобри медицинската услуга за пациентите. Со почеток со работа на новото одделение, на пациентите ќе им биде ставено на располагање се што поседуваат и нудат најсовремените центри од ваков вид”, вели директорката Проф.д-р Пановска-Ставридис.