Денес, во општина Битола, се одржа јавна презентација на финалниот извештај за „Зелениот катастар“, чија изработка беше предвидена согласно Законот за јавно зеленило член 5 став 1 и издвоените финансиски средства во Програмата за животна средина за 2022 година. По пат на јавна набавка беше избран изработувач на стратешкиот документ Зелен катастар, при што операторот беше потребно да изврши детално снимање и попишување на површината во која беа опфатени дрвенести таксиоми на територијата на Општина Битола во рамките на Централното Градско Подрачје за 6000 точки. Денешната презентација ја отвори градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој рече:
„Операторот – Здружение на граѓани за поддршка на шумарството и животната средина „Трифор“ Скопје, изврши детално снимање и попишување на површината, по што изработи лична карта на секое дрвенесто растение на територијата на Општина Битола во рамките на централното градско подрачје за 6000 точки.
Зеленилото во градските средини има огромно значење, почнувајќи од моментот на обезбедување почист воздух, преку позитивното влијание врз концентрациите на загадувачките материи, кои во дел се задржуваат на дрвјата, а со тоа се елиминираат од воздухот, наместа и целосно се неутрализираат. Знаеме дека во летните месеци, во населби кои што имаат повеќе дрвја, температурата е пониска за 2-3 степени, за разлика од населбите без зеленило. Дрвјата имаат свој придонес и во енергетската заштеда, како и во заштитата на почвата и заштита од надојдените води.
Земајќи ги предвид сите овие факти, беше неопходно да се изработи ваков катастар, особено што во Битола заостануваат податоци за број, вид и количини на дрвја. Пописот на урбаното зеленило е многу значајна информација за градот, бидејќи се добива лична карта на секое дрвенесто растение.
Попишувањето на над 6000 дрвја и нискостеблести грмушести растенија во централното градско подрачје на Битола, ќе овозможи анализи, идни стратегии и проекти. Надлежните институции задолжени за урбаното зеленило полесно ќе можат да донесуваат одлуки, околу видот и изборот на потребен број садници, да изработат стратегија за зеленилото во градот. Пописот, може да биде употребен и во научно истражувачки цели. Затоа, Зелениот катастар е основа за правилно управување со зелените површини, со цел да се постават стратегии и идни цели за урбаното зеленило на територијата на општина Битола.
Во однос на животната средина, во тек е изработка на ЛЕАП, а годинава имаме субвенционирање по повеќе основи и тоа: субвенционирање за набавка на велосипеди, субвенционирање на колективни згради за поставување на енергетски ефикасни фасади и во подготовка сме за субвенционирање за уредување на дворните места.
Во изминатиот период, од страна на Центарот за климатски промени во рамките на проектот „Развивање и имплементација на здравствен индекс за аерозагадувањето во прекуграничниот регион“, беше изработен план за квалитетот на воздухот во Битола.
По сондирањето на јавното мислење на жителите во Нова Битола, локалната самоуправа презеде чекор за уредување на површина од 25.000 метри квадратни, која досега воопшто не беше одржувана и употреблива, со што ќе се добие нов парк. Покрај хортикултурно и партерно уредување, паркот ќе содржи спортски и детски реквизити, урбана опрема и соодветно осветлување, со што граѓаните и посетителите на Битола ќе добијат ново место за одмор и рекреација, како и за игра и забава на најмладите. Се работи и на неколку помали локални паркови.
Ова се само дел од примерите кои покажуваат дека Општина Битола во континуитет работи на подобрување и обезбедување на поквалитетна животна средина за своите граѓани“, рече градоначалникот Коњановски.
Градоначалникот напомена, дека имајќи ја предвид важноста на зелениот катастар, во следниот период ваква документација ќе биде изработена и за другите делови на општината.
Финалниот извештај на Зелениот катастар e јавно достапен на веб страната на општина Битола https://www.bitola.gov.mk/wordpress/wp-content/uploads/2022/11/Final_Report_ZK_Bitola_2022-3.pdf, додека сите засегнати страни со истиот ќе можат да работат и преку посебна апликација.