23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Зошто судбината на Украина е и судбина на светот?

ЏАБИР ДЕРАЛА

Веќе во првите часови на првата инвазија против Украина на 20 февруари 2014 година, Русија го погази меѓународното право. Сепак, агресијата во која Путиновата Русија окупираше 44.000 квадратни километри или 7% од украинската територија во 2014 година, не предизвика некоја особено остра и решителна реакција од меѓународната заедница. Европските држави продолжија со business as usual со Русија.

Business as usual

ОН напишаа неколку декларации и усвоија неколку декларации и „пакети со мерки“. Ниту една од мерките на меѓународната дипломатија и ОН не придонесоа кон ослободување на Украина од несаканиот „гостин“. Причината за тоа беше лицемерието на големите и богатите што не сакаа да се откажат од придобивките што ги носеше „валканиот танц“ со Путин. Како што, впрочем, не го сторија тоа ниту во останатите петнаесетина војни што ги предизвика или поведе Руската Федерација од колапсот на Советскиот Сојуз на 31 декември 1991 година до денес (во просек по една војна секоја втора година).

Злосторство без казна, сѐ уште

Во периодот по првата агресија на Русија против Украина, од 20 февруари 2014 до 24 февруари 2022 година, загинаа над 14.000 луѓе, а над 30.000 беа повредени. Оваа бројка ги вклучува и 298-те жртви на соборениот Боинг 777 на летот MH17, кои загинаа како последица од на терористичкиот напад на 17 јули 2014 година. Авионот на Малезија ерлајнс беше соборен од ракетниот систем БУК, кој беше префрлен на окупираната територија на регионот Донбас што го окупираше Руската Федерација.

Се чини дека најострата осуда на Путиновиот воинствен и криминален режим, во мугрите на воената агресија со големи размери во 2022 година, ја даде токму еден познат руски генерал. Леонид Ивашов, во интервју за радио „Ехо Москва“, побара, не само оставка, туку и судење на Путин како воен злосторник од Нирнбершкиот трибунал.

„Денес, се разбира, многу зависи од Путин. И му треба некој нормален – јас не гледам нормални луѓе околу него – да дојде и да му каже: ‘Владимир Владимирович, последиците ќе бидат вакви, и Вам дефинитивно ќе Ви се суди, како што им се судеше на главните воени злосторници во Нирнбершкиот трибунал’. Не само за ова. А потоа ќе има судење и за урнатиот Боинг, загадувањето на екологијата на планетата и слично“ – изјави рускиот генерал Ивашов.

Долга листа

Со воената агресија против Украина во 2014 година, Русија ги прекрши основните норми и принципи на меѓународното право. Долга е листата од меѓународни документи кои Путин ги прегази веќе со првата агресија против една независна, суверена и мирољубива земја во своето непосредно соседство. Руската Федерација директно ги прекрши Повелбата на ОН и Завршниот акт на Хелсиншката спогодба (1975 година). Исто така, прекрши голем број билатерални и мултилатерални договори, вклучително и Меморандумот од Будимпешта за безбедносни гаранции поврзани со пристапувањето на Украина кон Договорот за неширење на оружјето (1994); Договорот за пријателство, соработка и партнерство меѓу Украина и Руската Федерација (1997); Договор меѓу Украина и Руската Федерација за украинско-руската државна граница (2003) и многу други. Руската окупација на Автономната Република Крим и градот Севастопол, како и одредени територии на регионите Донецк и Луханск целосно спаѓаат во „Дефиниција на агресија“ од Резолуцијата на Генералното собрание на ОН 3314 (XXIX) од 14 декември 1974.

Смртта на државата

Русија го предизвика и го погази столбот на меѓународното право: правото на територијален интегритет на државите. Како што пишува Таниша Фазал, професорка на Универзитетот на Минесота, во својата книга „Смртта на државата“, тоа е состојба кога државата веќе не може да функционира на меѓународната сцена.

„На почетокот на ерата на модерните држави, доминира една причина за смртта на државите: траумата од сирова сила“, пишува проф. Фазал во есејот „Враќање на освојувањето“, објавен во Foreign Affairs (мај/јуни, 2022), каде што дава одговор на прашањето – Зошто иднината на глобалниот поредок зависи од Украина?

Авторката на ова мошне интересно научно дело се осврнува на мапата на светот во 1816 година. Половина од тие држави во тоа време денес не постојат.

Многу често, државите што се наоѓаат меѓу моќни држави-ривали, стануваат нивен плен и исчезнуваат. Така, во периодот од 1772 до 1795 година, Полска беше нападната и газена од сите страни – од Русија, Австрија и Прусија. Полска, едноставно, исчезна од светската мапа на повеќе од сто години. Слична судбина доживеа Парагвај во Јужна Америка, кога ја нападнаа и распарчија Бразил и Аргентина во 1870 година. На почетокот на 20-от век, Јапонија беше во војна со Русија и Кина на корејскиот полуостров. Потоа, ја анектира Кореја. Во 19-от и првата половина на 20-от век, според истражувањето на д-р Фазал, во просек, по една држава „умираше“ на секои три години.

По крајот на Втората светска војна, 1945 година, светот влезе во ера во која територијалниот интегритет на државите беше заштитен со меѓународното право, а „смртта на државата“ стана многу редок феномен.

Нова крвава ера

Бруталната агресија на Русија против Украина веќе во 2014 година, а уште повеќе со обидот за целосна инвазија во 2022 година, повторно се создаде простор за „убивање на државите“ со негирање на територијалниот интегритет на државите. Така, овој крвав конфликт во кој понижувачките порази на фронтот, Путиновата солдатеска ги компензира со воени злосторства против цивилното население и со глобална закана со енергенси и храна, може да стане секојдневие насекаде низ светот.

Ако Путин и неговите партнери барем делумно успеат во своите злосторнички намери и ако тие се извлечат од одговорноста за ѕверската агресија и таргетирање на цивилите, светот кој го познаваме ќе потоне во заборав. Наместо тоа, можеме да очекуваме секојдневни нови воени жаришта и терористички акции, нуклеарни закани, глад, несигурност и брутални насилства насекаде во светот.

Затоа, судбината на Украина е и судбина на светот.

извор Civilmedia.mk