25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Средба Османи – Путрих

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес, на 31 октомври 2022 година оствари средба со Лусија Путрих, државна министерка за федерални и европски прашања на покраината Хесен во Сојузна Република Германија.

Во фокус на разговорите беа перспективите за идна соработка со покраината Хесен по урнек на одличната соработка која Северна Македонија ја развива со германските покраини Баварија и Северна-Рајна Вествалија. Покрај политичкиот дијалог, особен акцент на средбата се даде на економско – финансиската соработка, имајќи во вид дека Хесен е банкарски центар во Сојузна Република Германија и Европа.

“Очекуваме соработката со покраината Хесен да ја облагороди нашата севкупна соработка со Германија, која е наш најважен партнер во политичка и економска смисла, но и наш најголем сојузник изминатите три декади“, подвлече министерот Османи.

На средбата, државната министерка за федерални и европски прашања на покраината Хесен беше запознаена и со спроведените реформи и активностите кои Република Северна Македонија ги презема, со акцент на тековниот скрининг во рамки на Европската Унија, а во насока на заокружување на членството во Унијата. Во овој контекст Османи изрази благодарност до Германија како гласноговорник на евроинтегративните приоритети на Северна Македонија, и посебно улогата на Германија како патрон на Берлинскиот процес, кој е движечка сила на евро-агендата во земјите од Западниот Балкан.

Државната министерка за федерални и европски прашања на покраината Хесен, Лусија Путрих се осврна на можностите за меѓусебна економска соработка, истовремено уверувајќи дека германската континуирана поддршка на евро-интегративните процеси на нашата земја ќе продолжи и во иднина, со оглед дека Северна Македонија постигна голем напредок на овој план.

На средбата стана збор и за други актуелни меѓународни теми, меѓу кои, политичко-безбедносните и економските ризици како последица од руската инвазија врз Украина, улогата на НАТО во Европа, како и за мултилатералната соработка, со акцент на претстојното претседавање на нашата земја со ОБСЕ во 2023 година.