23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Бектеши: Северна Македонија ќе се снабдува со гас од повеќе извори, потпишан договорот за интерконективно гасно поврзување Ќустендил-Жидилово

Северна Македонија ќе може да се снабдува од повеќе извори на гас преку Бугарија. Ова е овозможено по денешното потпишување на Договорот за меѓусистемско поврзување за снабдување и дистрибуција на гас на Интерконективна точка Ќустендил-Жидилово помеѓу ГА-МА АД и Буглартрансгаз ЕАД.

„Потпишувањето на овој договор е од големо значење бидејќи отвара можност за големување на сегашниот капацитет на гасоводот со Бугарија, како и ослободување на дополнителни капацитети за користење од повеќе снабдувачи и диверсификација на нашите извори на снабдување, како и користење на сите извори што во моментов се присутни пазарот на природен гас во Република Бугарија“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на денешното потпишување на договорот во Софија.

Договорот го потпишаа извршниот директор на ГА-МА АД Скопје, Александар Арсиќ и извршниот директор на Булгартрансгаз, Владимир Малинов.
На потпишувањето на договорот присуствуваше и извршниот директор на Национални енергетски ресурси АД Скопје, Бајрам Реџепи.

Со договорот за интерконекција помеѓу ГА-МА АД и Булгартрансгаз се одредуваат детално условите, оперативните процедури и одредби во врска со испораката на природен гас на точката на интерконекција на македонско-бугарската граница на Интерконективната точка Ќустендил -Жидилово, со цел да се олесни ефикасната интероперабилност на меѓусебно поврзаната преносна мрежа.

Конкретно со договорот се регулира зголемување на притисокот на компресорската станица. Техничкиот капацитет на точка на испорака ќе биде 3.044.000 нормални метри кубни, што значи дека техничкиот капацитет ќе се зголеми за 500.000 нормални метри кубни со можност за ослободување на дополнителни неискористени сегашни капацитети.

Со договорот исто така се менува методологијата за пресметка на количината на гас и начинот на определување на квалитетот на гасот и негова анализа и редовна проверка, односно мерењето на енергијата ќе се премсетува во киловат часови [kWh] наместо досегашните стандардни кубни метри на референтна температура од 20℃ [nm3].

Опсегот на дозволениот состав на гасот се зголемува со што се овозможува увоз на гас од различни извори. Минимално/максимално дозволените вредности на составот на гасот се изедначени со оние на соседите Грција и Бугарија каде е и возможен влез на гас од други извори.

Се определува времето на почеток на гасен ден наместо досегашниот 08:00 Pm, да биде 06:00 pm, заради прилагодување на ЕУ , нормите.

Почетокот на имплементација е договорен да биде од 01.01.2023. Периодот до почетокот на имплементација ќе биде искористен како тест период помеѓу двата Оператори, при што ќе треба и практично да се разработат сите процедури на работа. Во меѓувреме треба да се потпишат нови договори со снабдувачите и корисниците и да се усвојат нови правила на работа.