17.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Бесими-Гир: Финансиската поддршка од ЕУ од 80 милиони евра е потврда за залагањата и реформската агенда во земјава

Реформите што ги спроведуваат Владата и Министерството за финансии во јавните финансиии, се во линија со постигнување на напредок во евроинтеграциите. Со почетокот на преговорите и отпочнувањето на скрининг процесот реформите добиваат забрзана динамика. Во Министерството за финаснии веќе се подготвува акциски план за имплементација на препораките од последниот Извештај на Европската Комисија (ЕК), но се работи и на практична реализација на оние реформи коишто веќе беа истакнати во Извештајот на ЕК, како Законот за буџети.

Денеска на средбата помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и амбасадорот на Европската унија во земјава, Дејвид Гир беа потврдени напорите коишто ги прави РС Македонија на патот на зачленувањето во ЕУ. Министерот посочи дека потврда за тоа е и најавата за финансиска поддршка од 80 милиони евра од ЕУ за справување со кризата, но и ставањето на располагање на 500 милиони евра пакет за инвестиции за целиот регион на Западен Балкан.

„РС Македонија не отстапува од поставените цели, за постигнување просперитетно општество, повисок економски раст и целосно интегрирање во Европската Унија. На овој пат имаме значајна поддршка од ЕУ и финансиска и техничка. Во рамки на Програмата за економски реформи, која секоја година ја подготвуваме заедно со ЕУ, се дефинираат мерки и политики кои не доближуваат до европските стандарди. Во моментов се работи на новата Програма за економски реформи која треба да биде усвоена од Владата во јануари 2023 година. Средствата достапни преку ИПА фондовите имаат значаен придонес за реализација на крупни инфраструктурни проекти“, рече министерот Бесими.

Тој истакна дека здравите економски политики се препознаваат и од меѓународните финансиски институции, за што потврда е и поддршката од Меѓународниот монетарен фонд преку Програмата за претпазливост и ликвидност – ПЛЛ, средства кои ќе се користат за справување со последиците од енергетската и ценовната криза.

„Ова е значајна поддршка за РС Македонија која силно ги чувствува последиците од енергетската и ценовна криза и ќе бидат насочени кон поддршка на стандардот на населението, ликвидноста на стопанството, како и стабилност во обезбедувањето со енергенси, особено електрична енергија“, потенцира министерот, наведувајќи дека Владата веќе има донесено два пакети антиркизни мерки во вредност од 750 милиони евра и дека од крајот на минатата година обезбедува финансиска поддршка за ЕСМ за пониски производствени трошоци за електричната енергија и пониска цена за домаќинствата и 70 илјади компании кои се на регулираниот пазар “, рече министерот.

На средбата беше посочено и дека и покрај зголемените трошоци за справување со кризата, останува на заложбата за макроекономска стабилност и фискална консолидација на среден рок, со цел да се задржат поволните услови за забрзан економски развој.

Исто така, во рамки на спроведените реформи и мерки во јавните финансии треба да се истакне дека е донесен Законот за буџети, што е клучна реформа во процесот на буџетирање, а во фаза на подготовка се подзаконските акти за воспоставување на Интегираниот информациски систем – ИФМИС, кој ќе ги дигитализира процесите. Донесени се и Планот за фискална одржливост, како и Планот за забрзан економски раст.