25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Ангеловска-Бежоска на панел – дискусија во Албанија: Банките останаа отпорни и покрај двете последователни кризи, “зеленото финансирање“ е важен приоритет

„Банкарскиот систем во регионот остана отпорен и покрај предизвиците во текот на здравствената и тековната криза, поради претходно соодветно поставените регулаторни заштити и механизми“ истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на гувернерската панел –дискусија во рамки на 16-та Годишна конференција, која годинава под наслов „Инфлацијата се врати: Како да се справиме со неа во услови на зголемена несигурност?“ ја организираше Банката на Албанија со Лондонската школа за економија и политички науки. Говорејќи за капиталните и ликвидносни заштитни слоеви, кои севкупно останаа стабилни за време на кризата, гувернерката потенцира дека кај банките во регионот заклучно со второто тримесечје од 2022 година, адекватноста на капиталот во просек изнесуваше 18,3%, што е непроменето во однос на нивоата пред пандемијата во декември 2019 година, а во некои земји и дури и повисоко.

Ангеловска-Бежоска се осврна и на реформите поврзани со „позеленување на финансискиот сектор“. Притоа потенцира: „Носителите на политиките треба да се фокусираат на понатамошно одржување на реформската агенда за усогласување на финансиските системи во регионот со меѓународните стандарди, при што, во оваа рамка, “зеленото финансирање“ е важен приоритет“. Во овој контекст гувернерката посочи на оцените на меѓународните институции. Така, „ММФ проценува дека природните катастрофи поврзани со климатските промени го намалуваат растот во просек за 0,4 п.п., па дури и до 0,7 п.п. во помалку развиените економии, а се проценува дека негативниот ефект во наредниот период ќе биде уште поголем, особено во помалку развиени економии, коешто бара енергични активности не само од креаторите на политиките, туку и од целата меѓународна заедница.“

Говорејќи за улогата на регулаторите за поттикнување на „зелена“ компонента во финансиите, гувернерката истакна дека Народната банка ги препозна и постави зелените финансии како една од Стратегиските цели. „Имајќи јасна и цврста определба, Народната банка стана членка на Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем, во која централните банки и супервизорските институции придонесуваат за развој на управувањето со ризиците во финансискиот сектор коишто произлегуваат од климатските промени. Делувајќи проактивно, Народната банка спроведе Анкета за ризиците од климатските промени чии резултати укажаа на се поголемата застапеност на зелените кредити, како и се позастапеното воведување нови производи и услуги како реакција на климатските промени. Подржувајќи ја „зелената агенда“, централната банка воспостави редовен систем на прибирање подетални податоци за зеленото финансирање и започна да објавува и квартални податоци за кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва. Едновремено, се вложуваат напори за осмислување монетарни мерки за развој на „зелена“ компонента во финансиите во македонската економија,“ истакна гувернерката, потенцирајќи ја во таа насока Одлуката за промени кај инструментот за задолжителна резерва, како мерка донесена од Советот на Народната банка со која се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори.

Банките како столбови на сигурноста во новите услови на економска криза и реформите поврзани со „позеленување на финансискиот сектор“ како приоритет за земјите од Западен Балкан беа дел од темите на традиционален гувернерски панел одржан во рамки на Годишната конференција. На конференцијата учествуваа високи претставници од централни банки, претставници од Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската банка за обнова и развој, академската заедница, банкарството и финансиските системи.