Претседателот Стево Пендаровски ја прими претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лaјен, која престојува во посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше разговарано за текот на европските интеграции на Северна Македонија и натамошните фази во преговорите, ситуацијата во регионот на Западен Балкан, особено во светло на руската воена агресија врз Украина и економските и енергетските последици кои таа ги предизвикува.
Во овој контекст, претседателот Пендаровски беше информиран за пакетот за енергетска поддршка од Европската Комисија за регионот на Западен Балкан, со цел заедничко купување енергенси со земјите од ЕУ. Потенцирајќи ја важноста од европската солидарност, тој ја поздрави помошта за обезбедување на енергетска стабилност на нашиот регион, која ќе влијае на ублажување на последиците од економската криза.
На средбата, претседателот Пендаровски го поздрави потпишувањето на македонски јазик на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија (ФРОНТЕКС), со кој се овозможува подобра заштита на границите и безбедноста на македонските и граѓаните на ЕУ, преку брзо распоредување на странски полициски службеници и опрема.
Во однос на евроинтеграциите, претседателот Пендаровски истакна дека се вложуваат максимални напори од страна на сите државни институции за успешно завршување на скрининг процесот, како прв чекор во процесот на преговори и дека земјава е подготвена за исполнување на реформите во клучните поглавја. Во таа насока, тој се заблагодари за поддршката од Европската Комисија, и посочи дека динамиката на средбите ја потврдува посветеноста и ангажманот на Европската Унија за интеграција на земјите од Западен Балкан, што позитивно влијае врз севкупните политички процеси и реформската агенда, како и врз евро-оптимизмот во нашите општества.
Претседателот Пендаровски ја информираше претседателката фон дер Лaјен, дека наскоро ќе биде упатен и новиот амбасадор при постојаната мисија на Република Северна Македонија во Европската Унија.